ММС

Објавено на: 12/17/20 8:36 AM

Ердоган: Американските санкции се бесрамен напад врз турскиот суверенитет

Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган изјави дека американските санкции објавени оваа недела претставуваат бесрамен напад врз турскиот суверенитет, јавува Агенција Анадолија (АА).

„Турција е првата земја членка на НАТО која ќе се соочи со вакви санкции“, изјави Ердоган на церемонијата на отворање на новиот автопат, посочувајќи на двојниот стандард со воведувањето на ваквите санкции врз Турција.

„Санкциите сакаат да ја направат одбранбената индустрија на земјата зависна, но Турција е решена да ја зајакне својата индустрија до максимумот“, додаде тој.

„Турција нема да биде спречена, туку наместо тоа ќе работи двојно понапорно за да го подобри секторот за одбрана и да го направи тотално независен“, вети Ердоган.

Соединетите Американски Држави (САД) во понеделникот воведоа санкции врз Турција поради купувањето на рускиот ракетен одбранбен систем С-400.

Санкциите, кои се дел од Законот за сузбивање на американските противници со санкции (CAATSA), се насочени кон Одбранбените индустрии на Турција (SSB), нивниот челник Исмаил Демир и кон уште тројца официјални лица.

Во април 2017 година, кога долготрајните обиди за купување на системот за противвоздушна одбрана од САД се покажаа како неплодни, Турција потпиша договор со Русија за набавка на системот С-400.

Спротивставувајќи се на распоредувањето на рускиот систем, американските власти тврдат дека тој ќе биде некомпатибилен со системите на НАТО и дека ќе ги изложи авионите од следната генерација Ф-35 на евентуална руска измама.

Турција истакна дека С-400 нема да биде интегриран во системите на НАТО и не претставува закана за Алијансата или за нејзиното вооружување.

Турција, исто така, предложи формирање Комисија за разјаснување на какви било технички прашања, но САД не одговорија на овој предлог.


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.