ММС

Објавено на: 12/14/20 3:46 PM

Доколку сака непрекинат пристап до пазарот на ЕУ, ќе треба да игра според нашите правила: ЕК до Британија

Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, изјави дека ако Велика Британија сака непрекинат пристап до пазарот на ЕУ, тогаш треба играта да ја игра според правилата на ЕУ, јавува агенцијата Анадолија (АА).

Фон дер Лајен по пат на видеоконференција зеде учество на настанот што се организираше по повод 60-годишнината на Организацијата за економски развој и соработка (ОЕЦД).

Потсетувајќи дека процесот на транзиција што ЕУ го применува кон Велика Британија е при крај, Фон дер Лајен го рече следното:

„Тука зборуваме за нов почеток со старите пријатели. Велика Британија од 1 јануари, односно во рок од 3 недели ќе стане трета земја од аспект на ЕУ.

Доколку Велика Британија сака непрекинат пристап до пазарот на ЕУ, играта ќе треба да ја игра според нашите правила. Тоа е фер од аспект на нашите компании. И другата опција има своја цена. Таа цена е имплементирање на граница и царина. Во моментов се обидуваме да го решиме тоа.“

Велејќи дека сакаат конкурентноста да се одвива под еднакви услови не само на почетокот, туку во текот на целиот процес, Фон дер Лајен рече дека структурата на трговскиот договор е добра, но истакна дека деталите се многу важни.

– „Клучот за договорот е фер конкуренција и обезбедување одржливо решение за нашите рибари“ –

Главниот преговарач на ЕУ за Брегзит, Мишел Барние, на својот профил на социјалните мрежи го сподели следното: „Никогаш досега за толку кратко време не е договорен сеопфатен договор, кој ги опфаќа областите како што се трговија, енергетика, риболов, транспорт, полициска и судска соработка.“

Посочувајќи дека следните неколку дена се многу важни за постигнување договор меѓу ЕУ и Велика Британија до 1 јануари, Барние во својата објава наведе: „Клучот на договорот е да обезбедиме фер конкуренција и одржливо решение за нашите рибари.“

Вчера ЕУ и Велика Британија на своите тимови им наложија да продолжат со преговорите, иако измина претходно утврдениот рок.

– Процесот на Брегзит –

Обединетото Кралство, кое се состои од Англија, Велс, Северна Ирска и Шкотска, одлуката за Брегзит ја донесе на референдумот за ЕУ ​​одржан во јуни 2016 година со 52 проценти „за“.

Велика Британија, која официјално ја напушти ЕУ на 31 јануари, води сеопфатни преговори со Унијата за билатералните односи, особено на полето на трговијата.

Во преговорите меѓу ЕУ и Велика Британија има проблематични прашања, како што се „обезбедување фер конкуренција“, „како ќе се решаваат трговските спорови“ и „риболовот“.

Доколку не се постигне договор, трговските односи меѓу двете страни по 31 декември ќе бидат воспоставени според правилата на Светската трговска организација (СТО). Во текот на целиот период на транзиција до тој датум, Велика Британија продолжува да се придржува на правилата на ЕУ.


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.