ММС

Објавено на: 12/14/20 2:47 PM

На поткуп, притисок, загрозување на здравјето, обвинува ВМРО-ДПМНЕ по изборите во Штип, за СДСМ, граѓаните го бојкотираа ВМРО-ДПМНЕ

Вчерашните избори ниту беа мирни, ниту демократски, обвини денеска ОК ВМРО-ДПМНЕ Штип.

„Делењето пари и притисоците врз јавната администрација не се нешто нормално, но беше очекувано да го видиме од криминалната локална багра.  Меѓутоа, она по што ќе останат запаметени овие избори е загрозувањето јавното здравје и окуражувањето на лица во изолација да дојдат на гласачките места. Во моментов, членовите на избирачките одбори на избирачките места: 2252, 2265 и 2276 стравуваат за своето и здравјето на семејствата, затоа што неодговорната власт, допуштајќи да гласаат лица со Ковид 19, ги изложи на оваа болест,“ се вели во реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ.

Во реакцијата  се додава дека неправилностите не ги одминале и гласачкото место 2266 каде што се пронашло едно вишок ливче, но и гласачкото место 2292, каде имало семејно гласање потпомогнато од членовите на избирачкиот одбор, блиски до власта, велат од опозициската партија.

На овие избори не бојкотираше ВМРО-ДПМНЕ, граѓаните се тие што ја бојкотираа партијата, реагираа од СДСМ.

„На фер, слободни, демократски и пред се здравствено безбедни избори за градоначалник, граѓаните на Штип му ја дадоа довербата на кандидатот на СДСМ, д-р Сашко Николов.

Заврши режимското време на ДПМНЕ кога се гласаше под притисоци и уцени , со поткуп и граѓаните со страв го остваруваат правото на глас.

Штипјани дoкажаа дека знаат да ја препознаат вистинската вредност.

Штипјани покажаа зрелост и го остварија своето демократско право на глас. Цензусот се постигна и покрај заканите и лажните вести на ДПМНЕ, се вели во реакцијата на СДСМ.

По преброени 100% од гласачките ливчиња, Државната изборна комисија објави дека излезноста на вчерашните Превремени локални избори за градоначалник во Штип изнесува 34,78%, или на гласање излегле 14.528 граѓани. Од нив, 11.668 или 80,31% својот глас го дале за кандидатот на СДСМ, Сашко Николов, кој неофицијално е новиот градоначалник на Штип. Втор, со далеку помал број на гласови е кандидатот на ИНТЕГРА, Симон Поликарп – Џими со 1.198 односно 8,25% од гласовите. Останатите тројца кандидати се со многу близок резултат – Лазар Наумов од ТМРО освои 284 гласови, независниот конадидат Трајчо Митев еден глас помалку – 283 и Гоце Анѓелов од коалицијата „Иднината е во наши раце“, 271 глас.

Евидентирани се голем број на неважечки ливчиња – 824, што е 5,67% од вкупниот број на гласачки ливчиња.


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.