ММС

Објавено на: 12/12/20 3:30 PM

Арачиново не е критична точка: Опозицијата бара објаснување за финансиската поддршка за оваа општина

Според кој критериум е дадено половина милион евра само на Општина Арачиново за справување со ковид-19 кризата, праша опозицијата попладнево по вчерашната одлука на владата да и’ додели финансиска помош на општина Арачиново.

Одлуката на Владата на Заев за доделување на половина милион евра на општина Арачиново е крајно скандалозна и нетранспарентна. Објаснувањето дека се работи за еднократна неповратна финансиска поддршка, за справување со потешкотиите во тековното работење настанати поради ковид-19 кризата е уште посомнителна. Во Република Македонија има многу посериозни жаришта од епидемијата со далеку поголеми потреби од финансиска помош, а Владата на Заев се решила да ја помага само општина Арачиново, велат од ВМРО-ДПМНЕ.

Кој е критериумот според кој токму општина Арачиново е одбрана за еднократна помош од половина милион евра? Зошто Владата не определила ваква помош за општина Вевчани, општина Теарце, општина Тетово, општина Сарај, општина Шуто Оризари или општините Кисела Вода, Центар, Бутел и слични кои имаат огромен број активни случаи, туку тоа го прави баш со општина Арачиново? – прашуваат од партијата.

Според опозицијата, со сумата од половина милион евра може да се набават илјадници ковид тестови, или десетици амбулантни возила, па дури и неколку монтажни болници кои, како што велат од партијата, се насушно потребни за справување со ковид епидемијата, наместо без јасна цел и јасни критериуми да се дадат на една општина, која за среќа, според извештаите на здравствените власти не е критична точка.


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.