ММС

Објавено на: 12/10/20 9:49 PM

Не се многу 6.000 денари ама колку-толку ќе се збогати трпезата за Нова Година – Три дена пензионерите прават метеж пред банките во Делчево

Дождот не ги спречи пензионерите од Делчево, уште од раните утрински часови да го чекаат својот ред пред банките, со надеж дека ќе успеат да ја добијат платежната картичка, а со тоа и најавените 6.000 денари, како дел од пакетот мерки на Владата за поддршка на пензионерите со ниски пензии. За поголемиот дел од пензионерите  иако оваа помош не е доволна, сепак ќе ги ублажи последиците од кризата и во период кога се ближат празници ќе помогне во домашниот буџет.

-Мене ме следува, велат дека ќе можеме прехранбени производи да купиме. Очекуваме да ги добиеме овие 6.000 денари кои иако се малку, колку-толку за Нова година ќе бидат од помош, вели пензионерка од Делчево.

Пензионерите со повисоки пензии ја поздравија одлуката. Велат на човек и 1.000 денари да му дадеш во вакви моменти ќе помогнат, а камоли 6.000 денари, кои за посиромашните секако дека  ќе помогнат.

-Помошта не е доволна, но подобро нешто, отколку ништо, вели пензионерот Спиро Митевски.

Освен пензионерите со ниски пензии, помош очекуваат и лицата прогласени за Технолошки вишок.

-Јас сум технолошки вишок, земам до пензија 8.500 денари. Досега платежни картички со најавените 6.000 денари се уште не е  дадено на никој, заради тоа и гужви се содаваат, вели граѓанин со ниски примања кој ја очекува својата прва пензија.

Меѓу пензионерите имаше и такви кои се уште не знаат каде да се обратат за да се информираат околу најавената помош.

-Има најава, ама не знаеме дека да се обратиме, вели граѓанин на Делчево.

Повозрасна госпожа со ниска пензија,пак,  додава дека иако зема пензија 9.500 денари, не е запознаена за поддршката.

-Нека дадат за сите исто, децидна е исто така пензионерка од Делчево.

Пезнионер со повисоки примања посочува дека главниот проблем е тоа што повеќе од три години не се покачени пензиите. На тоа според него треба да се работи, а не со ваква поддршка која според него е промашена работа.

Пред влезните врати во трите банки во Делчево во изминатите три дена е вистински метеж. Пензионерите редот го почитуваат, но самата гужва која се создава како што додаваат го дава одговорот дека паричната поддршка пред Новогодишните празници сите со нетрпение ја очекуваат.

Валери Спасовски


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.