ММС

Објавено на: 12/10/20 9:40 AM

Синоќа драматично на протестите во Тирана

Синоќа продолжија протестите во Тирана на кои се бараше оставка од министерот за внатрешни работи поради смртта на едно младо лице, кое, откако првично беше повредено кога го бркаше полицијата, почина во болница, јавува aгенцијата Анадолија (АА).

Десетици луѓе, вклучително и граѓански активисти, први се собраа пред седиштето на албанското Министерство за внатрешни работи, додека протестот беше придружен со судири меѓу демонстрантите и полициските сили, бидејќи демонстрантите со разни предмети ги оштетија прозорците на институцијата.

Протестот потоа се пресели пред Владата на Албанија, каде повторно беа забележани тензии и судири, бидејќи демонстрантите го запалија и го урнаа големото дрво поставено во пресрет на празниците пред зградата фрлале камења кон полицајците.

Демонстрантите, откако фрлаа предмети кон седиштето на Владата на Албанија, го пробија полицискиот кордон и со разни предмети удираа во владината зграда, а потоа физички се судрија со полициските сили. Демонстрантите и полицијата беа повредени за време на судирите, а полицијата употреби солзавец за да ги растера демонстрантите.

Во центарот на градот демонстрантите ги оштетија и украсите по повод новогодишните празници, поставени од Општина Тирана.

Потсетуваме, претходно денеска членовите на Младинскиот форум на Демократската партија на Албанија и активисти одржаа протест пред седиштето на премиерот на Албанија, и покрај мерките против ширењето на новиот коронавирус (Ковид-19), кој забранува собири на кој се присутни над 10 лица на отворени и затворени места.

Во врска со починатото младо лице, реагираше министерот за внатрешни работи на Албанија, Сандер Лешај, кој на социјалните мрежи напиша дека „овој настан погоди многу луѓе, роднини на жртвите, обични граѓани, припадници на полицијата, државата и сите други “.

Лешај истакна дека е потребно целосно разјаснување на околностите што доведоа до овој трагичен настан, истакнувајќи дека надлежните правни органи треба да ја завршат својата должност во интерес на вистината и правдата, што е можно поскоро.

Настанот во кој 25-годишник со иницијали К.Р почина се случи по полноќ на 8 декември во Тирана, што се совпаѓа со времето на ограничувањето на движењето на граѓаните, а исто така беше уапсен и полицаец.

Според официјалното соопштение од Службата за внатрешни работи и жалби при Министерството за внатрешни работи на Албанија, по повикот на полицијата да запре, младото лице не го послушал повикот на полицаецот и се обидело да избега од полицијата, поради што полицијата започнала потрага по него. Како што се наведува, полициските службеници откриле дека лицето со себе носело огнено оружје.

Еден од полицајците, откако не успеал да го фати лицето, кон него отворил оган со службено оружје, при што 25 -годишникот бил повреден, а потоа го загубил животот во болница.

Службата за внатрешни работи и жалби проценува дека постапките на полицискиот службеник се во спротивност со стандардните процедури за употреба на огнено оружје, а во меѓувреме полицаецот е приведен.

Настанот предизвика реакции кај политичките партии, активистите од граѓанското општество и граѓаните, кои предупредуваат на продолжување на протестите.


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.