ММС

Објавено на: 12/7/20 10:38 AM

Мадуро прогласи победа на парламентарните избори во Венецуела

Коалицијата предводена од претседателот на Венецуела, Николас Мадуро, прогласи победа на изборите во Националното собрание, што беа бојкотирани од опозицијата, пренесува Анадолија (АА).

„Ние победивме на изборите за Националното собрание со мнозинство гласови од народот на Венецуела. Ова е несомнено голема победа за демократијата“, рече Мадуро во својот говор, емитуван на телевизија.

Индира Алфонзо, претседателката на Националната изборна комисија на Венецуела, истакна дека Обединетата социјалистичка партија на Мадуро и нејзините сојузници освоиле 67 отсто од местата во Националното собрание.

Од друга страна, Алфонзо наведе дека на гласање излегле 31 процент од вкупно 20 милиони гласачи.

Делегации и набљудувачи од 17 земји дојдоа во Венецуела за да ги следат изборите. Меѓу набљудувачите се наоѓа и поранешниот претседател на Боливија, Ево Моралес, и колумбискиот сенатор Пиедад Кордоба.

Изборниот процес, исто така, е набљудуван и од широка делегација од Турција предводена од проф. д-р Мехмет Неџати Кутлу, директор на Центарот за истражување за Латинска Америка при Универзитетот „Анкара“.

На парламентарните избори во земјата, одржани во 2015 година, имаше одзив од 64,25 проценти. Опозицијата доби 65 проценти од гласовите и освои 112 пратенички места, од вкупно 167 во Националното собрание.


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.

1x1