ММС

Објавено на: 12/6/20 1:46 PM

ВМРО-ДПМНЕ ги спореди Заев, Османи, Бучковски и Димитров со криминалната стрип банда „Далтони“

Макети на премиерот Заев, вицепремиерот Димитров, министерот за надворешни Османи и специјалниот пратеник за Бугарија, Бучковски, осамнаа денеска пред Владата на прес-конференцијата на претседателот на Патриотскиот институт на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Пандов. Тој политичарите ги спореди со криминална банда „Далтони“  бидејќи тргувале со македонскиот идентитет, историја и јазикот.

– Не постои друга земја во светот во која што премиерот на онаков ноншалантен и лаконски начин се откажува од идентитетот и од придавката за која што се бореле илјадници македонци – македонски. Зоран Заев беше тој што гарантираше дека придавката македонски е загарантирана за македонска влада, македонска историја и македонски јазик. Во вчерашното интервју дознавме дека Зоран Заев таа придавка „македонска“ ја ставил на маса во преговорите со Бугарија. Оттука заклучуваме дека оној Зоран Заев кој се колнеше во најмилото кога се работеше за името и се откажа од своето најмило, стравуваме дека сега ќе се откаже од најсветото – македонскиот јазик, идентитет и историјата, изјави Пандов.

Тој рече дека групата Далтони нема мандат и не смее да одлучува за иднината и најави дека ВМРО-ДПМНЕ во иднина ќе ги суди за велепредавство и за сите криминали што и ги направиле на државата.

1x1