Популарната фолк пејачка Благица Павловска денес слави роденден. Колку? Не е важно. За жената никогаш не се важни годините, туку љубовта што ја носи во себе. А Благица, како што вели, има полно срце љубов за зите, па затоа и денес ќе прослави еден сосема поинаков роденден, без вообичаените журки кои таа знае да ги прави.
-Одам во црква. Одам да однесам погача, да се помолам на Бога и да запалам свеќи за здравје за сите нас. Мојот роденден се поклопува со големиот верски празник Пресвета Богородица и тоа е уште еден голем повод да одам во црква. А журка? Не! Во оваа ситуација- никако. Ќе си бидам дома и ќе биде сосема обичен ден како и другите. Дај Боже да бидеме живи и здрави, се да помине и ќе има време и за журки и за дружење, вели Благица и додава:
– Јас во овој период внимавам и на себе и на другите. Затворена сум дома и единствено излегување ми е до продавница. Контактите се намалени на минимум. А кај ќе одиш? Во кафана? Ако веќе не пеам немам ни потреба да одам во кафана. Па мене цел живот ми помина во кафана. Затоа и овој период треба да се помине мирно, вели пејачката.
Благица, како и сите нејзини колеги нема настапено од почетокот на пандемијата. Во однос на егзистенцијата таа повторно вели дека поважно е здравјето иако се што се случува, се случува на штета на пејачите.
-Немам настапи, како и сите. Живеам скромно, како и повеќето мои колеги, додава таа.