ММС

Објавено на: 12/3/20 3:11 PM

Секој има право на свое мислење – Спасовски не сакаше да ги коментира ставовите на сопартиецот Димитриевски за назначувањето на Бучковски за специјален претставник за Бугарија

Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски денеска не сакаше да ги коментира ставовите на неговиот сопартиец и градоначалник на Куманово, Максим Димитриевски, кој јавно се огради од изјавите на новоименуваниот специјален претставник за Бугарија, Владо Бучковски. Тој само рече дека за партиски работи се разговара во партијата, а секој има право на свое мислење.

– Тоа се партиски активности, јас овде сум како министер. Не би сакал да коментирам ничии изјави. Секој има право на свој став, сопствено мислење, тоа ќе судат граѓаните – кој, како и на кој начин размислува. Како што јас искажувам свој став за многу прашања, така секој има право тоа да го направи – рече Спасовски одговарајќи на новинарско прашање при денешната работна посета на СВР Штип.

Димитриевски вчеравечер на својот фејсбук профил напиша оти изјавите на Бучковски дека „Македноците и Бугарите се еден народ во две држави“ се погрешни и во ниту еден момент не можат да добијат суштинска поддршка од него, а верува дека нема да добијат ни од членството на СДСМ.

-Обидот на мала врата да се пласираат теориите дека за Бугарската страна е прифатливо дека Македонскиот народ постои од 1944 година е само потврдување на тезите дека ние сме вештачка творевина. Ваквите изјави се спротивни на Македонските национални интереси и позиции, воедно спротивни и на Уставот и неговата Преамбула која се повикува на актите на Крушевското востание, АСНОМ и Референдумот од 91ва, напиша Димитриевски.

 

Н.Т

 

 

 


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.