ММС

Објавено на: 12/3/20 9:43 AM

Пустошот што го прави вирусот тешко го исправа пациентот на нозе – Со д-р Маја Манолева за улогата на физијатрите во справувањето со корона

Од три до шест недели во просек трае закрепнувањето кај дел од пациентите со коронавирусот. Времето на рехабилитација може да биде и подолго од шест недели кај оние кои имале потешка клиничка слика, па со тим од повеќе специјалисти и други медицински лица тие повторно учат како да ги извршуваат секојдневните активности. Ова за Македонски медиа сервис го вели Ас. д-р Маја Манолева, медицински директор на Институтот за физикална медицина и рехабилитација Скопје. Со неа разговаравме за улогата на физијатрите во третманот на пациентите кои се заразиле со коронавирусот, односно за неговото влијание врз физичкото здравје.

„Вирусот не влијае само на белите дробови. Тоа е мултисистемска болест, болест на повеќе системи во организмот. Ние секој ден согласно најновите сознанија учиме нешто за болеста. Кај најголем дел од пациентите се јавуваат симптомите поради афектираност на белите дробови, но и на срцето. Може да се појават и невролошки компликации, компликации на кожата. Сето ова бара интензивен контакт меѓу докторот и пациентот и пациентите мора истовремено да бидат третирани од повеќе доктори, односно да има интердисциплинарен пристап. Физијатрите, односно специјалистите по физикална медицина заедно со тимот по рехабилитација се од клучно значење за закрепнувањето на пациентите, особено оние со тешка форма. Во преден план е подобрување на работата на респираторниот систем, но и на општата здравствена состојба“, вели д-р Манолева.

За тоа што му се случува на телото по периодот на изолација од неколку недели, д-р. Манолева објасни дека:

„Пациентите што развиваат симптоми имаат широка палета на нарушувања. Прво се нарушува функцијата на белите дробови. Поради долгото лежење пациентите доживуваат хипотрофија на мускулатурата  и тешка мускулна слабост, а како резултат на неактивноста се јавува и вкочанетост на зглобовите. Слабоста на мускулатура предизвикува сериозен замор. Тоа понатаму ја ограничува подвижноста и способноста за извршување на  секојдневните активности. Пациентите влегуваат во еден затворен круг каде се влошуваат симптомите  и тешко се враќаме назад. Со ова се нарушува и менталното здравје и така се јавува потребата за психосоцијална поддршка“, објаснува Манолева за ММС.

Таа додава дека заедно со колегите целат кон овозможување повторно движење на пациентите, подобрување на респираторната функција и враќање кон секојдневните активности со кои тие ќе може да одржуваат и лична  хигиена, да се облекуваат и слично.

„Работиме на подобрување на земањето здив. Важно е кај овие пациенти да се менаџира губењето на здивот, да се најде рамнотежа меѓу активностите и паузата. Ги едуцираме како да ги урамнотежат активностите. Во клиничката слика на пациенти со тешка инфекција на ковид-19 може да се ограничи движењето на екстремитетите, затоа овие лица и не можат да ги изведуват секојдневните активности. Тешко е ако пациентите  лежат во кревет четири пет недели, па потоа е тешко да ги вертикализирате. Ги оспособуваме да одат, има повеќе фази во рехабилитацијата за да може пациентите да бидат функционални сами за себе, а потоа и за околината“, истакнува нашата соговорничка.

Таа и нејзините колеги уште пред неколку месеци изработија Прирачник со совети за респираторна гимнастика во време на пандемија со КОВИД-19, кој беше објавен од Министерството за здравство.

Оттука, таа објасни од што зависат вежбите кои се применуваат кај пациентите и како физијатарот ја прави проценката?

„Консултации секогаш постојат меѓу колегите, но најважно е мерките да се прилагодат индивидуално на секој пациент. Нашиот Институт ги следи препораките на научната заедница во светот и се држиме согласно тие препораки. Се изработува индивидуална програма за рехабилитација од страна на лекарот физијатар која содржи повеќе цели, врз основа на возраста, потребите  и општата состојба на пациентот. Не секој пациент е приврзан за кревет, имаме пациенти што се веќе подвижни, може да се движат на подолги релации, но кај нив треба да се работи на подобрување на мускулатурата. Ова се прилагодува на изборот на третман зависно од клиничката слика и од тежината на болеста. Во фазата кога е тешка болеста, тие пациенти се неподвижни, не стануваат за до тоалет и болеста ги ограничува. Бргу се развива хипотрофија“, наведува д-р Манолева.

Според неа, составот на тимот кој се грижи за пациентите се менува согласно нивните потреби. Во тимот медицински лица кои им помогаат на пациентите на Институтот да се опорават, има и физиотерапевти, масери и физиотерапевтски техничари.

„Масажата е само дел од  работата на физиотерапевтите. Рехабилитацијата е тимска работа, тоа е неопходно и задолжително.Секој член од тимот си го решава својот стручен  дел и сите лекари си имаат заедничка цел за да дејствуваат насочено. Членовите на тимот известуваат за своето воочување и тоа треба да го вклучат во тимската работа, бидејќи тимскиот приод во рехабилитацијата значи успешно совладување на потребите“, додава докторката.

Таа нагласува дека кај некои пациенти се јавува и синдром на таканаречен поствирусен замор.

„Околу 90 посто од пациентите покажуваат подобрување, а до 10 проценти од луѓето што се опоравуваат од вирусот може да развијат синдром на поствирусен замор. Тие чувствуваат дека состојбата не им се подобрува и затоа не треба самоиницијативно да спроведуваат некакви третмани дома. Треба да се консултураат со пулмолог или друг соодветен  специјалист за да се види дали заморот е од друго потекло“, појаснува Манолева.

Иако возраста е фактор кој игра важна улога во рехабилитација, правилото е дека нема правило, па затоа има и млади пациенти кои потешко се враќаат кон секојдневните активности – додава таа за ММС.

„Младите полесно се рехабилитираат и побргу се враќаат во живот. Оние што имаат потреба од повеќе помош се лицата над 60 или 70 години, но тоа може да се случи и кај млади лица кои на пример, имаат други коморбодитети. Сепак, секое заболување остава трага на организмот и тоа се одразува на сите органски системи. Ако пациентот има дијабет,  или нешто друго, тоа секако оставило свои траги на организмот и пред инфекцијата со корона. Коморбодитетите влијаат на рехабилитацијата“, истакнува докторката.

Таа додава дека пациентите кои доаѓаат на лекување кај нив може да бидат примени со упат од примарно, секундарно и терцијарно ниво. Во исклучителни случаи, доколку докторите проценат дека има итна потреба од рехабилитација кај некој пациент, упатот се креира таму на самиот Институтот. Во оваа здравствена установа амбулантите работат во 2 смени непрекинато, се внимава да нема метеж, но и да им се овозможат потребните услуги на останатите пациенти, кои не биле засегнати од ковид-19.

Интервјуто со д-р Манолева го завршуваме со тоа, што таа би им порачала на граѓаните кои и понатаму не веруваат во коронавирусот, или во опасностите што тој може да ги донесе?

„Препораката е болеста да се сфати многу сериозно  и да се почитуваат сите мерки и ограничувања, не само декларативно туку и во пракса. Сите ние имаме моменти кога може да ги прекршиме препораките, но треба да работи нашата свест, за да ги испочитуваме до крај сите тие мерки  кои се препорачуваат. Во болниците имаме и млади луѓе кои немаат други заблувања, затоа добро е да го контролираме развојот на болеста. Треба да се спроведува се’ што  препорачува МЗ, бидејќи така ќе имаме помал  број на заболени. Болеста е тешка и за младите, не само за  возрасните. Некои млади тешко ја поминуваат болеста поради природата на вирусот кој е се’ уште голема непознаница, не треба да сме сигурни   дека  ќе не’ одмине. Треба да размислуваме дека сите може да бидеме зафатени од тоа. Мигот на задоволство е кратко, но лекувањето и рехабилитацијата може да траат повеќе месеци, а последиците може да не’ знаеме какви ќе бидат“, заклучува докторката.

 

Вања Мицевска