ММС

Објавено на: 12/3/20 10:00 AM

Мамо, нели ти ќе оздравиш? Елизабета Бабунска (42) се бори со канцерот за да продолжи да ги гушка Лина и Јаков

Девет години среќно го живееле својот брак Ивица и Елизабета (42) Бабунски од Скопје, во кој среќата им ја зголемиле нивните деца Лина (8,5) и Јаков(4).  Но, не ретко во животот се случуваат нешто кое среќата ќе ја помати, а животот го претвора во борба. Токму ваква борба за живот води Бети, на која во септември и е дијагностициран рак на желудникот и три месеци ги бара сите патишта кои водат до оздравување, за да продолжи да ја дава љубовта на Лина и Јаков.  На Бети во моментов и е најважна подадената рака на хуманите луѓе, бидејки само така може да продолжи да ја игра најголемата нејзина животна улога- мајчинството.

-За мене оваа тема е  многу болна, многу ми е тешко, но кога ќе ги погледнам децата сваќам дека најмногу заради нив треба да се борам, вели Бети и ја почнува нејзината состојба со болеста:

– Во септември без никакви проблеми ми се појави дијареа. Веднаш отидов на матичен  и, секако во оваа состојба, таа прво што ме праша имам ли температура, се посомнева на корона. Потоа два пати во денот повратив, но немаше крв. Вечерта многу ми беа жолти рацете и лицето. Маж ми за да ме смири ми рече веројатно сум истоштена бидејки повраќав.  Се јавив на една пријателка, која е медицинска сестра да дојде да ми даде некоја витаминска инфузија за да се освежам.  Таа беше на работа и бидејки крвната слика ми покажа 7 хемоглобин а 3 железото ми побара да ги покаже резултатите на други лекари за второ мислење.  Тогаш и рекле дека се сомневаат дека имам проблем или со желудникот, или гинеколошки проблем или дебело црево. Тогаш почнав да ги правам сите испитувања и кога се беше готово со резултатите се установи дека имам израсток, рана на желудникот. Од срце и благодарам на пријателката што ми помогна инаку мислам дека  до сега ќе бев почната. Преку свои луѓе стасавме до лекарите за операција, до Караџов и Џамбас. Ми рекоа: „Се што можам да спасам од желудникот ќе спасам, ако не ке го отстранам“. Се оперирав најбзро што можеше. Но, кога ме отворил се видело дека има метастази. Од хирургија излегов со препорака- борете се, млада е вреди да се борите, вели Бети.

За да не ја исплаши и за да не и падне духот сопругот Ивица сокрил од неа неколку работи, кои таа подоцна, кога првиот пат заминале во Турција и ги кажал.

-Ми кажа дека желудникот е изваден а не знаев и за метастазите. Подоцна сопругот ми кажа и дека на онкологија му кажале дека ми предвидуваат девет месеци живот, дека не знаат дали ќе ја издржам терапијата оти е многу силна.  Кога јас тоа го дознав прво што помислив се децата. Мали се, како ќе се снајдат без мене, без мајка. Потоа од пријатели дознавме дека во Турција имало лекување кое давало многу добри резултати. Но, како да стасаме до таму кога треба мноу пари. Јас тогаш почнав да плачам.  Тоа навистина се многу пари за нас. И кредит да подигнеме нема да ни помогне. Собравме пари се што имавме и заминавме прв пат во Турција. Тие без пет скен не даваат прогноза. Таму примив две хемотерапии. Овде ми рекоа дека нема да можам да ги поднесам хемотерапиите а јас во Туција не поминав лошо, како што овде ми предвидуваа. Ми вградија порт и се што е потребно примам преку тоа. Пробавме овде во Фондот и не ни одобрија, сме ја имале истата терапија и овде. Но, кога рековме како е истата кога не е и како кога овде прогнозите со хемотерапијата се лоши а таму не.  Не сакаа да потпишат преку Фондот. Дојдовме некако и до министерот Филипче. Тој рече: Толку се нашите можности. Колку е лекувањето? Значи минимум 50.000 евра, без дополнителните трошоци. Министерот на маж ми рече дека овде ќе се прави тоа, ќе направи се што е во можност и лекари и ако треба во апартман да ме сместат и се. Му благодарам од срце за тоа, но тој не може да ми го даде невозможното. Мене не ми треба  апартман, и на земја ќе лежам и ќе ја примам терапијата само моите деца да имаат мајка, раскажува низ солзи Бети.

Ивица и Бети, како што сите би постапиле во ваква ситуација, не се нафатиле тука да го продолжатг лекувањето.

– А како да се нафатиме кога овде велат дека нема да издржам а таму ни даваат надеж. А нормално е човек да има надеж. Во нашата борба се вклучија и пријатели и блиски. Отец Оливер преку Фејсбук се обрати на градоначалникот Шилегов, кој пушти 1.000 евра на сметка и многу му благодарам. Најбезболно ќе беше да ни одобреше Фондот. Не знам навистина што е проблем за да се спаси еден живот. Јас верувам во добрата намера на министерот, дека ќе бидат најдобрите доктори, но дека ќе биде како во Турција не верувам. Во Турција прво прават пет скен па потоа одредуваат терапија. А овде не. Кога отидовме во Турција, кога излегоа резултатите од пет скенот докторот ми рече: „Ова е ден за славење за тебе, треба да славиш зошто со вакви резултати тешко се преживува, не живеат долго. Се чудев како ќе ти ја сопштам веста се додека не дојдоа резултатите од пет скенот. Голема благодарност до докторите  во Македонија, што те сработиле, те исчистиле добро, бидејки со ваква дијагноза не преживуваат пациентите“. Затоа од се срце се заблагодарувам на Караџов и Џамбас. Многу луѓе ме прашуваат како сум дошла  до оваа фаза, како не сум забележала порано. Но, не ништо, се јадев нормално и немав никаков знак. Преку ноќ почна голготата. Затоа и лекарите рекоа на сопругот- мораме брзо да ја оперираме, не смее да се чека, губи многу крв, ќе влезе во кома, додава таа.

Најголемата поддршка на Бети е нејзиниот сопруг Ивица, кој како што вели таа, се прави за да и го задржи духот, да не падне психички и да не забележат децата дека нешто не е во ред.

-Со Ивица сме во брак девет години. Тој ми е голема поддршка и знам дека се воздржува пред мене.  Ми рече„ „Се ќе направам за тебе само сакам да си тука, да ми ги чуваш децата. И куќата ако треба ќе ја продадеме и се само ти да бидеш добро“. Тој од старт ги знае лошите прогнози, а јас дури во Турција дознав која е вистинската слика за мојата болест.  Лина е осум и пол години и разбира се, а Јаков има четири години и не знае што се случува.  Лина е многу емотивна и постојано ме прашува: „Мамо кога ќе оздравиш“? Не знае што ми се случува, но знае дека сум била во болница, бидејќи ме боли стомакот. Ме гледаше цело време додека ми беше лошо. Знае дека сум оперирана, но ја гледам ме загледува кај што сум отечена а другото со облека го кријам од неа. На мои другарки им велела- не знам мајка ми дали ќе оздрави. Таа разбира се. И првиот пат кога отидовме во Турција беше во постојан страв, бидејќи постојано бараше да ме гледа на камера и да ме прашува- мамо добра ли си. Потиштена е, не знам што се и поминува низ глава, вели тажно Бети и додава:

-Сега за неколку дена треба да заминам за Турција, да ми направат уште испитувања за да се знае колку терапии вкупно треба да примам. После се јас се чувствувам подобро и сакам да се чувствувам добро и се држам, но има денови кога знам да паднам. И секогаш кога ќе паднам помислувам за децата и си викам- станувај, за нив станувај, мораш да станеш. Тажно е кога треба да бараш помош, свесна сум ама нема како поинаку. Сум помагала секогаш кога некому му требало, сум донирала ама еве дојде ден кога и за мене треба да се донира. Живот. Не знаш што ќе те снајде, рече на крајот Бети.

 

 


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.