ММС

Објавено на: 12/2/20 1:27 PM

Кој ќе им ги врати парите на семејствата кои плаќаа корона – погреб и дали погребалните сервиси злоупотребувале?!

Починатите од ковид 19 ќе се закопуваат без лимени сандаци како што тоа досега беше практика. Оваа одлука беше донесена на вчерашната седница на Владата. Со што ковид погребот кој чинише дупло повеќе поради третирањето на починатото лице, со оваа одлука повеќе не важи иако пандемијата сеуште трае.

„Ова е по препорака на Комисијата за заразни болести врз основа на стручно мислење на епидемиолозите и сите стручњаци во областа, дојде препорака која што владата ја усвои“, рече на денешната прес конференција портпаролот на Владата, Душко Арсовски, како одговор на новинарско прашање зошто токму сега е донесена ваква одлука за погребување на мртвите од корона вирусот, кога веќе осум месеци луѓето даваа огромни суми на пари за погреб.

Исто така се наметна и прашањето зошт се прави токму сега ова, и дали има индиции дека погребалните сервиси го злоупотребувале сето тоа, и им наложувале на семејствата на починатите дека мора во лимен сандак да се закопуваат и дали некој ќе поведе некакви постапки дека тука имало прекршување на некои закони. Од Владата се повикуваат на погоре кажаниот став дека Владата одлуката ја донела по препорака на Комисијата за заразни болести.

Во продолжение ви ја пренесуваме во целост владината одлука, донесена на вчерашната седница.

„На денешната седница Владата го прифати заклучокот на Комисијата за заразни болести, дека овластените оператори за погребални услуги се должни да го применуваат соодветниот наменски Протокол за превенција од инфекција и контрола за безбедно управување со мртво тело во контекст на КОВИД-19, во кој не е правно нормирано дека постапувањето со тело на умрено лице кое починало од заразната болест КОВИД-19, се врши во затворен и залемен метален сандак.

Воедно, со овој заклучок Владата наведува дека подготовка, завиткување, транспорт и закопување на мртво тело кое починало од заразната болест КОВИД-19 не е утврдено дека се врши во затворен и залемен метален сандак ниту во Правилникот за условите и начинот за закопување, ископување и пренос на умрено лице. Согласно протоколот и правилникот, ексхумацијата на починатите е дозволено, но не порано од една година“, стои во владината одлука.

На прашњето од ММС.МК зошто пациентите од почетокот на пандемијата па се досега беа закопувани во лимени сандаци, а сега ваквиот протокол не важи, претседателот на Комисијата за заразни болести Д-р Жарко Караџоски кратко одговори дека пациентите починати од Ковид 19 се закопуваат според протокол кој важел и сега важи.

„Повикајте се на протокол, постои протокол. Постои протокол за постапување со лешеви на умрени лица со Ковид за нивно закопување. Тие се закопуваат согласно протокол кој што и тогаш важел и сега важи. Во прашње се само погребалните претпријатија и дали некој леш може да се ексхумира за исвесен период после смрт. Ништо повеќе, се е исто“’, вели претседателот на Комисијата за заразни болести Д-р Жарко Караџоски за ММС.МК.

Бидејќи ниту тогаш ниту сега не е во прашање задолжително погребување на ковид пациент во лимен сандук, се поставува прашањето- кој тогаш го воведе ова правило, кое се применуваше девет месеци и дали на семејствата на починатите ќе им бидат вратени парите?

Г.Д


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.