ММС

Објавено на: 12/2/20 10:16 AM

Зошто луѓето мислат дека почитувањето на мерките е покорност, а не одговорност? Со психологот Алисија Колевска за емоционалната интелигенција

Емоционалната интелигенција се дефинира како способност да се восприемат емоциите (да се препознаат на лицата на луѓето, во музика, приказни итн.), да се сфатат емоциите (да се предвидат и да се воочи како тие се менуваат и испреплетуваат), да се управува со емоциите (да се знае како да се изразат во различни ситуации) и да се користат емоциите со што би се овозможило адаптибилност и креативност во мислењето и однесувањето. Ова во интервју за Македонски медиа сервис, го нагласува Алисија Колевска, лиценциран психолог и магистер по развојна психологија.

Лицата кои имаат повисока емоционална интелигенција се повеќе свесни за себе и за другите, но интересен факт е дека емоционалната интелигенција можеме секогаш да ја развиваме – објаснува Колевска.

Како се манифестира емоционалната интелигенција, дали и какви придобивки од неа можеме да извлечеме, но и како таа е поврзана со однесувањето на поединци се само дел од аспектите на оваа тема за кои разговаравме со Колевска.

Како да ја идентификуваме сопствената емоционална интелигенција?

-Показатели за емоционалната интелигенција се: свесност за себе (знаење што чувствуваме и зошто го чувствуваме тоа, со што се создава основа врз која се темели применувањето на интуицијата, донесувањето правилни одлуки, но и моралното дејствување); социјална свесност (со емпатичен став да откриваме што другите чувствуваат, препознавајќи невербални реакции, како тонот на гласот, изразот на лицето, контактот со очи и сл., бидејќи емоциите најчесто не се изразуваат на вербален начин); егзистенцијална свесност (креирање простор за спиритуалноста во нашето пристапување кон секојдневните предизвици).

Кои придобивки ги носи таа за личноста?

Користењето на информациите од свесноста за себе во управувањето со своите негативни емоции доведува до полесно враќање во состојбата на баланс, ја зголемува нашата прилагодливост преку промена на погледите кон нашите цели и нѐ мотивира да останеме истрајни и оптимистични без разлика на неуспесите и пречките. Употребувањето на информациите од социјалната свесност  придонесува кон градење хармонични релации со другите и нѐ насочува кон стремеж за позитивно влијание во нашата средина на дејствување. Информациите од егзистенцијалната свесност ни помагаат да ги почитуваме нашите потреби, полесно да ги утврдуваме нашите приоритети и да ја откриваме нашата лична смисла во животот. Исто така, истражувачките наоди потенцираат дека лицата кои поседуваат висока емоционална интелигенција почесто ги искусуваат состојбите на релаксираност и среќност.

Колку е важно високото ниво емоционалната интелигенциија за справување со стресните ситуации, меѓу кои и новото „нормално“ што го наметна пандемијата?

-Повеќе истражувачки наоди укажуваат на тоа дека лицата со повисоко ниво на емоционална интелигенција подобро се справуваат со стресот, насочувајќи се кон конструктивно решавање на проблемите, истовремено успешно приспособувајќи се на настанатите промени. Лицата со висока емоционална интелигенција се свесни за ситуациите со кои се соочуваат, како и за своите емоции, со што успеваат да ја одржат самоконтролата и да не ја нарушат нивната добросостојба или побрзо да ги надоместат евентуалните психофизички последици од вознемиреноста. Исто така се трудат да им помогнат на други лица кои се под стрес, бидејќи препознаваат дека ризикот е заеднички и ја разбираат туѓата емоционална состојба.

Какви активности или навики треба да воведе во своето секојдневие една личност за да може подобро да се „запознае“ со своите емоции, но и полесно да ги контролира?

Важно е да учиме да оценуваме дали одредена емоција е адаптивна и нѐ води кон исполнет живот или маладаптивна, т.е. штетна за нас и треба да ја контролираме и трансформираме или да ја проучуваме со цел да стигнеме до нешто подлабоко.

Секоја емоција има функција. Првиот чекор е да стануваме посвесни. Да се запрашаме себе си како се чувствуваме во даден момент. Едноставното одговарање на ова прашање го именува искуството и креира почетна точка за создавање обработлива врска со емоцијата. Потоа да се обидеме да останеме со емоцијата без да се трудиме да ја менуваме. Добро е да ги забележиме и нашите телесни сензации кои се поврзани со емоцијата.

Потоа можеме да станеме свесни за тоа која ситуација ја поттикнала емоцијата, да си одговориме какви интерпретации или претпоставки креираме околу таа ситуација. Да утврдиме дали нашата емоција е усогласена со фактите или со нашите претпоставки и да откриеме што можеме да научиме од тоа искуство за во иднина. Поддршка може да си дадеме преку сочувство, грижа и трпеливост кон себе, како и со негување благодарност на дневно ниво. Кога не успеваме продуктивно да управуваме со емоциите, добро е да побараме и поддршка од доверливо или стручно лице.

Сведоци сме дека во актуелната пандемија секојдневно на светско ниво имаме голем број смртни случаи од вирусот, но и луѓе кои не ги почитуваат мерките поради што пандемијата не стивнува. Дали ваквото однесување на некаков начин е поврзано со емоционалната интелигенција? Како би го објасниле од стручен аспект тоа што поединци со своите постапки придонесуваат за ширење на вирусот?

Според одредени студиски наоди, кај лицата коишто не ги почитуваат мерките недостасува емпатијата (како една од основните компоненти на емоционалната интелигенција) особено кон ризичните групи на граѓани. Негирањето на реалноста како одбрамбен механизам кој се појавува на несвесно ниво кога поединците не можат да се справат со длабочината и сериозноста на ситуацијата, е една од причините зошто одредени лица одбиваат да ги почитуваат мерките. Дел од лицата пак сметаат дека мерките придонесуваат да им биде одземено личното чувство на контрола, но и правото за слобода.

Некои лица едноставно не сакаат да го прифатат нарушувањето на „удобноста“ кое го наметна пандемијата, оправдувајќи го однесувањето со потценување нa личниот удел во спречувањето/трансмисијата на вирусот. Уште една причина може да бидат и насоките од различни авторитети, кои од почетокот на пандемијата се променливи, па и меѓусебно контрадикторни, така што поединците кои одбиваат да ги почитуваат мерките, на социјалните медиуми лесно пристапуваат до (дез)информации кои им служат како поткрепа на одлуката. Неопходно е да се сфати дека почитувањето на мерките не е чин на покорност, туку напротив алтруистичен чин на лична и социјална одговорност кој придонесува во поефективното справување со пандемијата.

 

Вања Мицевска


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.