ММС

Објавено на: 11/30/20 2:53 PM

Стопанствениците од Стопанска комора предлагаат одлагање на примената на законот за недела да биде неработен ден

Стопанственици од Стопанската Комора на Македонија со нацрт-верзијата на предложените измени и дополнувања на Законот за работните односи, во однос на прашањето за уредување на недела како неработен ден  се обратија до вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи и министерката за труд и социјална политика Јагода Шахпаска. Заклучоците се од панелдискусијата која се одржа на 11 ти месецов, а во која беа вклучени стопанствениците, претставници на компании-членки на Комората од различни сектори и дејности од индустријата, градежништвото, трговијата и услужниот сектор, и дискутираа околу планираниот опфат на прифатената иницијатива од страна на Владата на РСМ, начинот на кој истата би се имплементирала и можните ефекти врз нивното работење.

Тие сметаат дека пред да има усвојување на какво било решение, потребна е широка дискусија, со цел согледување на сите потенцијални придобивки, ризици и отворени прашања од различно законско регулирање на постојното прашање од важечкото уредување, пред да се пристапи кон измени.

Со оглед на моменатлната здравствено – економска криза, предлагаат одлагање на примената на законот една до две години, кога македонската, но и глобалната економија ќе започнат процес на закрепнување, и да не се размислува за воведување на вакво решение пред 2022 година.

Компаниите укажаа дека вакво решение ќе влијае на продуктивноста на компаниите, но и на нивната конкурентност на регионалните, но и на глобалниот пазар. Посочено беше дека во ниту една од земјите од опкружувањето (кои се сериозна конкуренција на РСМ за привлекување на странски инвестиции, вклучувајќи ги на пример, Бугарија, Србија и Албанија) не е уредено ограничување за работа во недела, со што може да биде доведена во прашање атрактивноста на РСМ како дестинација за странски инвестиции.

Од аспект на индустријата, укажано беше дека има поголем број на дејности каде природата на производниот процес бара работата да се одвива непрекинато 24/7. Ако неделата се уреди како неработен ден утврден со закон, според одредбите на Општиот колективен договор од областа на стопанството работникот би имал право на надомест на платата што му припаѓа кога во тие денови не работи и плата за поминатите часови на работа зголемена за 50%. Вакво решение сериозно ќе го оптовари македонското стопанство, особено во производствените сектори каде нужно е работењето да се организира во смени 24/7 заради потребите на работниот процес.

Ограничувања за работа во недела сериозно ќе влијаат на исполнување на роковите во градежништвото за завршување на работите во веќе склучените договори, особено при изведувањето на капитални инвестиции. Се укажа дека во моментот има ниска продуктивност, и потребни се огромни напори да се обезбеди континуитет во работењето. Истовремено, се укажа дека изведувањето на градежните работи е зависно од постоењето на поволни временски услови, особено во зимскиот период, и можна забрана за работа во недела би значела загуби.

Поголем број на угостителските објекти 50-70% од прометот го реализираат во недела, и можна забрана за работа во недела би значела затварање на многу од бизнисите поради нерентабилност.

Од аспект на трговијата, се укажа дека иако можеби големите трговски ланци на продавници за широка потрошувачка би можеле да направат прилагодувања, треба сериозно да се проценат ефектите врз работењето на помалите трговци. При тоа, намалениот број на ефективни работни часови кај определени деловни субјекти може да доведе до намалување на потребниот број на работници за редовно извршување на работните процеси и отпуштања.

При тоа, посебно треба да се имаат предвид специфичностите во работењето на бензинските станици и придружните објекти во кои се врши трговија на мало со трговска стока, но и сервисните и складишните капацитети, кои се потребни за нивно нормално функционирање. Имено, природата на дејностите трговија на мало со нафтени деривати и горива за транспорт, трговија на големо со сурова нафта, нафтени деривати, биогорива и горива за транспорт и трговијата со природен гас, како и функцијата која овие дејности ја вршат при обезбедувањето на ефикасни и конкуренти енергетски пазари и сигурност и безбедност при снабдувањето со енергија на потрошувачите во РСМ, наметнува потреба, ако се воведуваат некакви забрани за работа во трговијата во недела, од таквата забрана би требало да бидат изземени бензиските станици и придружните објекти. Континуираното снабдување на потрошувачите со енергенси, во текот на сите денови од неделата, е потребно и за непречено и ефикасно работење на стопанството, но и за нормално функционирање на животот на граѓаните, при движење низ целата територија на РСМ за секојдневни потреби или посета на туристички локалитети, но и при транзитот на странски гости низ нашата земја, особено во летниот период. Дополнително, обезбедувањето на бројни јавни услуги, вршењето на дејностите кои ги вршат јавните претпријатија и остварувањето на надлежностите од страна на државните органи, зависи од обезбедувањето на непречено снабдување со енергенси и во текот на сите денови од неделата, вклучително и денот недела. Во оваа насока, се движат и решенијата во компаративното законодавство во соседните земји и бројни земји-членки на ЕУ, каде недела е прогласен за неработен ден, но бензинските станици и нивните придружни објекти се изземени од примената на ваквата одредба. Прогласувањето на недела како неработен ден, би предизвикало и сериозни пречки при организирањето на работниот процес на бензинските станици и придружните објекти, од причина што би предизвикало проблеми при организирање на работа во смени, кој е доминантен метод на организирање на работниот процес во овој вид на деловни објекти, и би довело до намалена ефикасност при работењето и намалена продуктивност по работник. Ова со оглед на фактот што, сменското работење во бензинските станици, придружните објекти и останатите деловни објекти на овие компании е организирано на начин што ќе нема прекини во работењето.

Од аспект на услужниот сектор, беше укажано дека согласно прописите кои ја уредуваат материјата на комуналните дејности, уредено е дека услугите треба да се обезбедуваат непречено и навремено, што не би било возможно ако се усвои забрана за работа во недела. Дополнително, се укажа дека за разлика од останатите градови, кои функционираат на принципот на постоење на пазарни денови во текот на неделата, во Скопје (како град во кој гравитираат повеќе од 1.000.000 лица) најголемиот дел од прометот на пазарите се реализира за време на викендот, поради што, ако се размислува за воведување на каква било забрана за работа во трговијата во недела, од таквата забрана би требало да бидат изземени пазарите. – Се укажа дека доколку се размислува за воведување на посебни ограничувања во трговијата или угостителството, треба да се имаат предвид неколку аспекти:  како тоа би се одразило на туризмот (примена на ограничувањата за време на туристичката сезона во главните туристички центри); ефекти врз локалната економија во населените места во пограничните региони, на пример Битола, Гевгелија или Скопје, (каде граѓани од соседни држави/потрошувачи патуваат за време на викенд во трговски и угостителски локали во Северна Македонија), односно да се проценат можните загуби од директните приливи кои овие лица ги оставаат во локалната економија – можност за загуба на „увоз на девизи“; ефекти од потенцијалните ограничувања кои може да одразат на патување на наши државјани/потрошувачи во соседни држави во недела, заради посета на трговски или угостителски локали (кои работат во недела) – можност за „извоз на девизи“, стои во соопштението испратено до медиумите од Стопанската комора на Македонија.


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.