ММС

Објавено на: 11/28/20 7:03 PM

Кога ја „преживеавме“ првата година од бракот, после се беше полесно – Екс министерката Рената Дескоска прослави 20 години од свадбата со сопругот Тони

Да ви е најубаво кога ќе влезете дома и ќе ја затворите вратата од домот, вели поранешната минситерка за образование и правда, а сега професорка на УКИМ, Рената Дескоска, за ММС почнувајки ја љубовната приказна со сопругот Тони, а по повод 20 годишнината од нивниот брак. Да се прослави ваков јубилеј во денешно време е убавина и реткост, бидејки за овие две децении успешно се изодел патот, кога парот се учи заедно да живее. Кај Рената и Тони има добра подлога за успех, бидејќи нивната љубов почнува уште во студентската клупа, кога прво биле колеги и пријатели, а потоа пријателството прераснало во љубов, која и по 20 години брак трае уште.

Како ја прославивте годишницата во услови на пандемија?

-На почетокот на годинава имав поинаква замисла за прослава на дваесет годишнината од свадбата, но короната ми ги смени плановите. Наместо заедничка прослава со најблиските роднини и пријатели, каква што направивме за десет годишнината, овој пат прославивме сами, ние двајцата и нашиот син. Порачавме украсена торта пригодна за настанот. Па така помина денот со ручек, здравици, фотографирање, бројни јавувања и честитки од нашите најблиски, од кумовите и пријателите кои не изненадија и со пригоден подарок кој ни беше доставен дома. Во тие моменти сфаќате дека секоја радост е поголема кога ја делите со луѓе кои искрено се радуваат со вас и дека е вистинско богатство е всушност да имате луѓе со вас и во добро и во лошо.

Колку се сеќавате на почетоците на вашата љубов, има ли анегдоти и интересни моменти? Беше ли тоа љубов на прв поглед или пријателство, кое прерасна во љубов. Каква беше основата за долгиот брак?

-Јас и Тони се запознавме на факултет. Тој е една генерација пред мене, но заради отслужување на воениот рок после неговото матурирање, на факултет студиравме заедно. Тој ме забележал прв, кога на пауза меѓу предавања пред амфитеатар сме споделувале впечатоци од некоја предизборна дебата пред првите парламентарни избори во Македонија. Јас не паметам кога прв пат сум го забележала, но паметам една работа што многу ме фрустрираше – секогаш кога ќе зборувавме со колегите за некое прашање, тој беше поубедлив од мене во своите аргументи, дури и кога грешеше. Тој има моќ да те убеди, да те разубеди, да ја „држи банката“ на дебатата. Разговорите со него ми беа интелектуален предизвик, учев и „растев како правник“ покрај него. Се додека тој не реши да внесе романтика во нашиот колегијален однос. Ме освои со песна и тоа песна која јас ја имав напишано. Тоа ми ласкаше, ми годеше и се роди љубов. Излегувавме заедно и учевме заедно во факултетската читална. Си помагавме еден на друг, особено што имаме многу различен начин на учење и памтење на работите. Некако се надополнуваме. И на крај после осум годишна врска, стапивме во брак.

Свадбените јубилеи се слават со сребрена свадба, па златна, па дијамантска... Во ова лудо време, кога секој втор брак пука, какво е чувството да се слави ваков јубилеј?

-Јас некако не ги чувствувам годините како летаат. Во душата се уште се чувствувам како дете. Летово кога бевме во Охрид, седејќи во дворот на куќата на родителите на Тони, некако „ме удри по глава“ сознанието дека дошло времето ние да бидеме „домаќините“ со главна одговорност таму. Искрено, не сум свесна дека поминале дваесет години. Моето чувство е како сето тоа да било вчера.

Има ли формула да среќен брак или секој го гради на свој начин?

-Мислам дека има многу вистина во она што Толстој го напиша во “Ана Карењина”: „Сите среќни семејства си прилегаат едно на друго, секое несреќно семејство е несреќно на свој начин.“ И покрај тоа што секој го гради бракот на свој начин, мислам дека основа на секој среќен брак е љубовта, страста, почитувањето, разбирањето, толеранцијата, посветеноста еден на друг… Е сега секој брак ги комбинира овие вредности во различен сооднос, но мислам дека е битно сите да ги има. А најважно од се е, да ви е најубаво кога влезете дома и ќе ја затворите вратата од домот. Ако тука го наоѓате мирот и задоволството, тогаш можете да бидете задоволни од она што го имате.

Се разбира дека секој брак има свои успони и падови, има свои т.н. години на премрежје, те три, те седум, те девет.., колку во вашиот брак овие бројки имале значење?

-Не се сеќавам дека имало некакви посебни турбуленции во тие години. Најтешка нам ни беше првата година од брак. Тогаш се навикнувавме на заедничко живеење. Кога ја „преживеавме“ неа, потоа беше се полесно.

Велат, покрај љубовта за успех на еден брак најважен е компромисот, да се направи отстапка кога е потребно и да се прости. Колку од ова вие го искусивте за вашите 20 години заеднички живот?

-Јас и Тони сме многу слични во суштинските принципи кои не водат низ животот, но многу различни во одредени погледи и сфаќања на некои прашања. Затоа и ни беше тешка првата година во која како двајцата да се трудевме да го наметнеме својот „светоглед“ на другиот. Во бракот човек ги учи желбите, потребите, ставовите на другиот. Но, исто така е многу битно да се почитува и прифати индивидуалноста, посебноста на другиот. За некои работи правиме компромиси, а за некои водиме сметка кому му е нешто поважно и ја препуштаме одлуката на тој што повеќе му значи. Со текот на годините сфаќате кои се вистински вредности во животот, за што вреди да се борите, да се наметнувате, а што е небитно и не вреди да трошите енергија на тоа.

Дали е вистина дека жената е таа која го држи бракот и која е столбот на семејството? Зошто мажите се привилегирани, како без одговорност?

-Не мислам дека е така. Бракот е вистински ако се потпира на два столба. Во спротивно односот не е искрен, ако само еден се труди да балансира, а другиот е „гостин“ во врската. Мислам дека секој треба да превземе товар толку колку што може да носи и добро е тоа да е балансирано за двајцата да бидат релаксирани, среќни и исполнети во заедницата. За среќен брак треба посветеност од двајцата во врската.

Дали се сложувате дека денешните млади, за жал, поинаку ја сваќаат љубовта, нејзиното вистинско значење е изгубено, па затоа и браковите траат кратко?

-Љубовта е иста и безвременска. Разликата е во губењето трпение кај луѓето и исчезнувањето на предрасудите околу разводот. Јас и сестра ми кога се мажевме, мајка ми ни рече дека ни посакува нашите бракови да успеат, но и да знаеме дека вратата од домот на родителите ни е секогаш отворена, дека ако не се чувствуваме добро во бракот, секогаш можеме да се вратиме дома. А пред дваесет години, разводот се уште не беше толку чест, па дури и се гледаше со осуда на тој чин. Денес, сите предрасуди и сета стигма околу разводот веќе не постојат и партнерите кои не се чувствуваат добро во заедница истата ја прекинуваат. Факт е дека подобро е добар развод, одошто лош брак. Факт е дека секој човек треба да одлучи како му е подобро да живее, во заедница со некого или не. Животот е краток за да се троши на погрешни луѓе или на трули компромиси.

Кој е вашиот совет за сите млади и вљубени кои ќе решат да почнат заеднички живот?

-Градете заеднички живот со човек кој го сакате и прифаќате таков каков што е. Не залажувајте се и не очекувајте некого „да смените, да превоспитате“ на 30, 40 години. Прифатете го партнерот онаков каков што е. Почитувајте ја неговата индивидуалност, посебност. А, ако разликите се преголеми, ако има нешто што суштински ви пречи – воопшто не почнувајте заеднички живот. Животот е краток за да се обидувате да смешате „масло и вода“.

 

 


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.