ММС

Објавено на: 11/28/20 2:00 PM

Преку ноќ не може ништо да направиме за зграда стара 50 години – Со др. Билјана Гагачева за лошите услови во битолската болница

По споделените фотографии и видеа од катастрофалната состојба во битолската болница, каде се реагираше дека во иста соба во тријажниот центар за суспектни од Ковид 19, каде пациент прима инфузија има и починати пациенти на соседните кревети, како и лошите услови во тоалетите, ММС ја контактираше дректорката д-р Билјана Гагачовска, која даде свое видување за проблемите. Д-р Гагачовска вели дека во зградата стара скоро 50 години не може да се направат промени преку ноќ.

„Јас станав директорка неколку недели пред да го примиме првиот позитивен пациент. Што се однесува до Инфективното одделение, таа е голема зграда поделена на две одделенија, инфективно и пневмофтизиологија. Успеав да донесам доволно довод за кислород, со наши ресурси за две недели централниот кислород кој имаше само неколку доводи, се оспособи, пред да дојде пандемијата. Таа е голема зграда на три ката, поделена на два дела и поврзана со ходници“, вели Гагачовска.

За грдата слика во видеото од тоалетот, вели дека бил затворен за употреба, не се користел воопшто и не била информирана дека повторно почнале да го употребуваат.

„Чадор во тоалетот за да не течат фекалии врз пациентите“, сведочи пациент од битолското ковид одделение

🎥 Танас Димитриевски

Posted by TV21 on Tuesday, November 24, 2020

„Конкрено тоалетот, што беше нефункционален и не се употребуваше, не бев информирана дека бил повторно отворен. Веројатно го отвориле поради зголемениот број пациенти кои треба да се долечат. Но, чадорот е тргнат, веќе е направена санацијата, колку што дозволуваат условите да се санира. Таму, во делот кој беше сниман, лежат пациенти кои по негативизирањето имаат потреба да продолжат со лекување за да не ги пуштаме неизлекувани дома или пак пациенти на кои што им излегле негативни тестовите. Таму не лежат позитивни пациенти. Но, и не е само тој тоалет,  има и друг функционален“, вели д-р Гагачовска и дополнува дека пандемијата ги промени плановите за реконструкција.

„Зградата е стара од 1972 година, а делот кој беше сниман беше планиран за реконструкција и пренамена во геријатриско одделение. Со актуелната ситуација, реконструкција е невозможно да се направи. Многу е поважно пациентите да бидат згрижени, да ја добиваат соодветната медицинска нега и грижа и адекватната терапија, лекарства, кислород, се што им е потребно отколку ние да затвораме одделение и да правиме реконструкција, во време на пандемија. Тоа е невозможно. Но, планирано беше и се надеваме дека кога пандемијата ќе заврши ќе почнеме со реконструкција“, дополнува таа.

Од Ковид Центарот во Битола досега излегле над 800 пациенти. Во вториот бран, за разлика од првиот, 80% од хоспитализираните се од тешка до многу тешка состојба. Последните денови има слободни кревети, но, вели директорката, имало периоди кога имале и по 83 хоспитализирани ковид пациенти. Според д-р Гагачовска персоналот, иако преморен, дава се од себе за пациентите да ја добијат потребната грижа и затоа имало голем број излекувани пациенти кои излегле од тука, кои се благодарни, се јавуваат, но и донираат за другите пациенти.

„Иако условите се такви какви што се, зградата е стара, од првиот момент го кажувам тоа, но во оваа ситуација  добро е што ја имаме таа зграда и персоналот кој дава се од себе, имаме обезбедено 24 часовна грижа за пациентите. Во Ковид центарот има функционални тоалети, таму имаме централен кислород, но не сите пациенти имаат потреба од кислород, каде што нема кислород во собите има, пак, боци. Персоналот е преморен, работат од март, по принцип на ротација, има тим кој е постојано вклучен во таа борба, другите по принцип на ротација се надополнуваат и се менуваат. Имало периоди кога сме мале и по 83 хоспитализирани пациенти во Ковид центарот, а во другиот дел уште 20 пациенти. Најголемиот удар го чувствуваат инфектолозите, пневмофтизиолозите и интернистите, цело време тие ротираат. Сега заради зголемената потреба ротираат и од другите одделенија, како и медицински сестри, хигиеничари од сите одделенија ротираат“, објаснува д-р Гагачовска.

Но, иако сега ковидот е најактуелен, постојат и многу други луѓе кои страдаат од други болести, вели таа. Битолската болница функционира тековно, откако се отворија термините, а функционира и оперативниот програм. Меѓутоа, како во сите болници, така и тука имаат заразен персонал кој е позитивен и во изолација што дополнително ја отежнува работата. А често се случува и пациентите да не кажуваат дека се позитивни  откако ќе дојдат на преглед.

„Имавме деновиве таков случај, без да каже дека е позитивна, пациентка беше третирана во друг дел, а не во ковид. Од епидемиологија веднаш не контактираа дека таа пациентка била позитивна од претходно, а кај нас ја добила потребната грижа на одделение кое не е предвидено за ковид третман. Ова е последниот случај, но се случило повеќе пати. Иако персоналот носи заштитна опрема, сепак секој треба да се грижи прво за себеси и другите. Го доведуваат здравјето и на вработените и сите другите пациенти во опасност. Потребно е да се почитуваат протоколите, ова не е од вчера, треба да се почитуваат превентивните мерки, но и да се почитуваат и протоколите кога веќе некој е позитивен или е во изолација како сомнителен. Фер е и човечки да се каже, никој нема да одбие да пружи лекарска помош, имајќи предвид дека имаме ковид одделение и одделение за сомнителни пациенти, каде вршиме преглед и тријажа на сомнителни пациенти, организираме се и ги носиме каде што треба да ја добијат услугата“, вели таа.

Со изградбата на модуларната молница во непосредна близина на Инфективното одделение, многу ќе се подобрат условите и за персоналот и за пациентите. Ќе има капацитет од 90 до 120 пациенти, на површина од 1.000 м2, со нова опрема. Истиот ќе се состои од 3 модуларни градби, од кои две модуларни градби што содржат интегриран тријажен центар со стационар и една модуларна градба со независен тријажен центар. Д-р Гагачовска нагласи дека, модуларните ковид центри ќе бидат на рамна линија, што е значително олеснување во споредба со сегашното функционирање во зградата на инфективното одделение која е на три ката.

„Прво, многу ќе олесни на персоналот, замислете нон-стоп на три ката горе-долу постојано да се трча по пациентите, да не се оставаат. Второ, се подобруваат условите, ќе биде опремена со најнова медицинска опрема. Ова се затекнати услови, не е нешто што сме можеле да го направиме преку ноќ. Ние секогаш како резерва ќе ја имаме оваа зграда. Имаме и други ковид  капацитети и согласно растот во секој момент сме спремни да ги отвориме. Кога ќе биде готова, персоналот ќе се префрли во модуларната, а ако се исполни и таа ќе се активира повторно цврстата градба како и другиот допопнителен капацитет“, објаснува Гагачовска.

Инаку, веднаш после реакциите на граѓаните за фотографиите и видеото, ДСЗИ изврши вонреден инспекциски надзор во битолската болница. Што се однесува за просторијата во тријажниот центар за суспектни на Ковид 19 каде во иста просторија се прима инфузија и има починати пациенти на соседните кревети, беше наложено да се обезбеди посебна просторија во регионалниот Ковид центар во Битола за починати или да се прошири моргата, а веќе поставени се паравани со цел да се почитува правото на приватност на пациентите. Причината е што кога има повеќе починати пациенти, а погребалните оператори не можат побрзо да ги подигнат, има недостиг на простор. Но исто така, Гагачовска објасни и дека законска обврска на секоја здравствена институција е пациентот кога ќе почине два часа да остане во институцијата, а фотографиите се снимени во тој период. Исто така, ДСЗИ издаде и решение за санација на санитарниот јазол, по кое беше постапено.

Маја Богоевска


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.