ММС

Објавено на: 11/27/20 11:18 AM

Се разочарав во Македонија, а секој родител сака иднина за своите деца – Пејачката Сања Христова семејната среќа ја побара на Запад

Пејачката Сања Христова, попозната како Сања Лефкова и покрај двата факултети кои ги заврши и музичката кариера која и тргна добро, сепак, одлучи со семејството да остави се и среќата да ја побара во западните земји. И таа, како и многу други млади брачни парови разочарани од (не)приликите кои ги нуди државава со децении наназад, со семејството почна од нула на некое подобро место. Поминаа четири години од тогаш и таа вели- задоволни сме, ако имаш цел пред себе ништо не е тешко. Сања за ММС го сподели патот нис кој поминуваат сите млади брачни парови кои за подобро утре на себе и своите деца одлучуваат по втор пат да ја пишуваат животната приказна. А такви не се малку и за жал разочараноста на младите и желбата да заминат сеуште трае. Колку е тажно тоа чувството го знаат само тие и нивните родители.

Од Македонија се спреселивте во Англија, па во Геманија. Кај сте и како се снајдовте, како живеете?

– Да, живеевме во Англија во Лондон скоро една година, имавме добри работни позиции, но имавме тежок период затоа што животот таму е многу брз и немавме време да си посветиме едни на други, едноставно работа- дома. Не сакавме нашето дете да биде со дадилки цел ден, ние сакавме да функционираме нормално. Лондон е град во кој може да се гради кариера, да се образувате, но мислам дека не се најдов таму – особено не е град за семејни луѓе кои имаат мали деца. Од таа причина, втората опција беше Германија, моите родители живееја тука долго време и за почеток ни беше полесно. Никола почна веднаш во градинка и ние можевме да функционираме нормално.

Твојот сопруг Мики во Скопје беше угостител, а ти се занимаваше со музика, кои се сега вашите професии, со што се занимавате?

 

-Јас сум професор по музика во приватно музичко училиште во Дортмунд. Предавам клавир и пеење на деца до 9то одделение. Во слободното време имам настапи и сè уште пеам, но не сум многу активна, бидејќи снимам песни што се на англиски јазик. Мојот сопруг работи со гастрономија и е управител на реномиран ресторан овде.

Вие сте едени од младите кои масовно се иселија и одлучија семејно среќата да ја побараат на Запад? Зошто се преселивте? Што е тоа што овде не ви се допаѓаше?

-Одлучивме да се преселиме, бидејќи многу пати се разочарав во нашата земја. Мислам дека треба да размислувам за иднината на моите деца, да ја обезбедам. Цел живот вложував во снимање песни и спотови, одев на фестивали – ја претставував нашата земја (се вратив со прва награда). Паралелно студирав 2 факултети. Волонтирав скоро половина година во Опера и балет. И на крај кога требаше да се вработам, се е сведено на врски и дали имате контакти за да ве вработат и дали си партиски определен. Искрено, дојдов во странство и без никој да ме познава, започнав нов живот и сега работам и сум вработена врз основа на квалитетот и знаењето што ги имам. Тука никој не е преокупиран воопшто дали си странец, дали си анонимен или славен, дали имаш врски да влезеш на работа. Втората причина е што сакав моите деца растат како и сите нормални деца ,да се образуваат и да се вработат по образованието.

Какви предизвици ги очекуваат младите брачни парови кои ќе решат животот да го почнат од почеток?

-Постојат многу предизвици. Мора да имаш некој што ќе ти помогне да започнеш со уредување на сите потребни документи за престој и добивање виза. Мора да имаш адреса на живеење и ако имаш деца да ги запишеш во градинка за да функционираш нормално. Прво мора да го научиш јазикот . Јас имав основа зошто живеев во Германија од бебе до пет години, а кога се вративме во Македонија во 1994 година, не зборував македонски. Како учев македонски, така заборавав германски, но во основно и на факултет учев германски и кога дојдов тука ми требаше уште една година да го усовршам за да бидам професор. Паралелно морав да ги нострифицирам сите дипломи и да полагам неколку испити за да ја добијам мојата работна позиција. Тоа траеше скоро три години – но тој период сега е зад нас. Едно нешто што треба да им биде јасно на сите – дека секој почеток од нула е тежок, но мора да се издржи и да се има цел за која треба да се борите. Првите три години се прилагодувате, а потоа функционирате нормално.

Неколку години веќе живеете далеку од дома, па веќе можете да направите споредба што е добро и лошо тука а што таму кај што сте?

-Само едно ќе кажам. Македонија е моја татковина и што и да се случи, јас секогаш ќе се враќам таму. Тоа што судбината не предизвика да живееме во странство, не значи дека не ја сакам мојата земја. Во Македонија секогаш ќе ми недостасуваат пријателите, роднините, сестра ми и внуците, но животот не ми е нешто поразличен.

Велат во странство нема дружење и се работи од утро до вечер. Какво е вашето искуство?

-Доколку се организираш имаш време за се. Сега со вирусот не се дружиме многу, но одевме во Холандија, Италија, Париз ни е на 450 км, Берлин. Дружењето со други луѓе е сведено на време и термини. Искрено не можам да се пожалам и ако не се дружам, поминувам повеќе време со моите деца. Мислам дека и да бев во Македонија, би функционирала исто.

Колку на децата тешко им падна преселбата, мали се но ,сепак, друг јазик учат?

 

 

 

-Немав проблеми со децата. Никола е роден во 2014 година, а веќе во 2016 година заминавме за Лондон – зборуваше македонски и англиски. Во 2017 година дојдовме во Германија, тој започна да учи германски во градинка. Децата брзо учат јазици, тој беше многу мал и не чувствуваше голема празнина. Сепак, кога и да ја споменеме Македонија, тој сака да оди и да ги види роднините и другарчињата. Лукас е роден во Германија во 2018 година, тој сè уште учи македонски и германски во градинка. Од следната година, Никола ќе оди на училиште и има опција да го учи и македонскиот јазик, што ни е многу драго.

Твојата основна професија е музиката, како сега функционираш на тоа поле. Сними една песна но сепак не си толку активна како овде..?

-Снимив повеќе песни на англиски јазик Работам паралелно на издавање на песните. Песните може да ги слушате на мојот канал на Јутјуб Sanya Official – се надевам наскоро и на европските топ листи и радија во Германија и пошироко.

Како се живее сега со пандемијата?  Какво е размислувањето на Германците за оваа криза?

-Пандемијата е низ целиот свет и ние веќе се навикнавме да функционираме како ќе ни наложат. Кога има повеќе заразени луѓе, ги слушаме препораките на владата и се придржуваме до нив. Ние сме внимателни и се движиме со маски. Системот работи добро во оваа земја, имам многу пријатели кои работат како лекари и медицински сестри во болниците и знам дека пациентите се секогаш хоспитализирани, имаат капацитет и секако не трпат пациентите кои се со хронични болести- сепак да не дојде до тоа и Бог да не чува сите. Сега засега тука работат градинките и училиштата и одиме на работа. Затворени се само рестораните, театрите, кината, базените, спортските сали и активности како и курсеви и некои други ризични установи каде се собираат повеќе луѓе. Се друго функционира нормално. Пред месец дена држев онлајн часови -но тој период помина и се надевам дека во 2021 ќе бидеме сите здрави и Дај Боже оваа пандемија да исчезне.


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.