ММС

Објавено на: 11/24/20 1:26 PM

Плачев на глас и му се молев на Бога да не ми го мачи детето – Со Гордана Ѓорчева за најновата животна улога-улогата на баба

Животот е непредвидлив, ни носи и радости и тага. Еднаш ќе те натера да плачеш од тага, веќе следниот пат ти праќа солзи радосници. А човекот е тука за, сакал не сакал, се навикнува на тие предизвици и чекори напред. Бидејќи нема назад. Таков е и животот на Гордана Ѓорчева, спикер во Македонската телевизија. Тагата која ја дожиева откако пред осум години го изгуби сопругот, актерот Бранко Ѓорчев, сега ја надополнува со радоста со внукот Вања. После се таа ги живее солзите радосници и ужива во улогата на баба. Гордана за ММС сподели какво е чувството да се биде баба, да се гушка, како што велат, најмилото од најмилото и каква е таа неописива љубов на релација баба-внук.

Како се снајде во улогата на баба?

-Пред се, фала му на Бога, Луција имаше лесно породување и благодарение на нејзината храброст и упорност, пред се преголема љубов и желба за дете, веднаш сама си ги презеде обврските. И јас се уште немам прилика да се снаоѓам како баба. Ми се допаѓа тоа што во денешно време родителите заеднички учествуваат и во домашните обврски и во обврските кон сопственото дете. Нејзиниот сопруг Александар е прекрасна личност и навистина многу и помага, така што за нас бабите останува само најубавиот дел – играњето до Вања. Е за разлика од другата баба, јас сум малку поупорна и на мое инсистирање понекогаш ми е дозволено да го избањам.

Колку внучето ти го смени животот, како млада баба?

-Генерално начинот на живот воопшто не ми е сменет, но дефинитивно Вања ми внесе толку голема светлина и позитивна енергија, што не можам да си го замислам денот без неговото гласче. Во деновите кога нема да го видам, навечер пред да заспијам си ги прелистувам сите фотографии и сите видео записи. Едноставно Вања ми е храна на душата која ми го продолжува животот. Јас сум технички баба, но сеуште не ми доаѓа да му речам убав на баба. Секогаш му викам мајкино дете.

Како сега гледаш на изреката- баба си, значи стара си? 

-Сеуште имам отпор кон тоа кога ке ми речат, кај си ма бабо. Па јас навистина не се чувствувам како баба. Луција често знае да ми рече, ќе го научам да ти вика бабо, а јас и викам- не може, ќе ме вика Горде, не сакам баба. Шега на страна. За разлика од нашите баби и нашите мајки, ми се допаѓа тоа што генерално во денешно време жената посветува големо внимание на својот изглед. Јас познавам многу жени кои имаат внуци, но изгледаат прекрасно. И тоа така треба да биде. Одговорно тврдам дека нашата генерација сосема го смени поимот за зборот баба и навистина сум среќна што конечно ги рушиме оние стереотипи за баба. А зошто да не? Нели сме отворени кон светот, еманципирани сме, умни сме, имаме богат дух и имаме што да им пренесеме на идните генерации.

Каква е таа неописива љубов и поврзаност? Велат внуче се сака повеќе од родено дете? И самата велишљубов без граници.

-Е ова не можам да го објаснам со зборови затоа што и мене не ми е јасно како е можно. Луција ми е единствено дете и животот го давам за неа. Многу пати сама се преиспитувам и си поставувам прашања каква е ова љубов. Љубовта и грижата за моето дете е неизмерна, и неверојатен беше моментот на мојот мајчински инстинкт и мојата интуиција. Никој не ми кажа дека моето дете се пораѓа, но незнам што ми се случи. Едноставно душата ми затрепери, почнав да плачам и експресно отидов во болница. Не прашав дали е примена туку кога е примена. Само ми кажаа дека е почнат процесот а јас само гледав во прозорот каде што имаше светлина, плачев на глас и му се молев на Бога да не ми го мачи детето, само да биде се во ред. И да, кога докторот ми соопшти дека имам внук, прво што го прашав беше – како ми е Луција. А моментот кога првпат го кренав во раце Вања јас не можам да го опишам. Само во себе си реков:„ Боже ова е дете на моето дете. Па јас доживеав благослов од Бога да кренам во раце дете на моето дете“. Па јас се растопив. Иако не верувам во љубов на прв поглед, е ова беше таква љубов. Збунувачки е и не можам да кажам дека Вања го сакам повеќе од Луција, но таа љубов е посебна, исконска, неверојатна. Вања е за мене анѓел кој ми дава крилја да летам. Откако Вања дојде на овој свет, јас сум во сосема друга димензија, за која немам објаснување.

Никогаш не може да биде комплетно, но сепак, се пополни ли колку толку празнината во душа?

-Дефинитивно сите чувства, сите емоции и целата енергија ги насочив кон она што се случува овде и сега. А тоа е радоста со мојот внук. Поминаа осум години откако Бранко не е со нас и тоа е нешто што го чувам длабоко во себе. Таа празнина не може никој да ја пополни, но после толку години едноставно научив да живеам со тоа. Животот продолжува и навистина не е продуктивно и не е здраво за никого да живее во минатото. Јас имам дете, имам внуче и морам да бидам силна и да ги прифаќам сите животни предизвици. Јас сум сигурна дека Бранко би бил пресреќен кога би ја гледал мојата неизмерна среќа.

Како функционирате во услови на пандемија?

 

-Никој од нас не очекуваше дека е можно да ни се случи вакво нешто. Епидемија од светски размери, која комплетно ке ни го смени начинот на живот. Сега сме, што би рекле, во пикот на пандемијата, сите сме исплашени, но како и се во животот и ова мора да го прифатиме, затоа што немаме друг избор. Внимавам многу, откако е почната пандемијата не одам на гости и никој не доаѓа кај мене, но мора да се излезе од дома, мора да се работи. Ги почитувам сите протоколи, но морам да признаам дека доколку сите бевме малку поодговорни, немаше да дојде до толку голема бројка. Мене сеуште не ми е јасно како е можно луѓето да не веруваат. Да, вирусот постои и одзеде многу човечки животи. Но, од друга страна стравот не е решение. Одговорноста кон себе и кон сите околу нас е единственото решение со кое ќе го надминеме ова. На крајот на краиштата, мора да се има малку повеќе респект кон здравствените работници, затоа што и тие имаат семејства, имаат деца, имаат родители, а девет месеци се во агонија на нивните работни места. Искрено се надевам дека ова нема да трае уште долго, дека ќе бидеме здрави и живи, и дека набрзо ќе ни се врати животот во нормала, ќе ни се вратат насмевките и ке продолжат дружењата со сите што ги сакаме.


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.