ММС

Објавено на: 11/24/20 9:42 AM

Почнува процесот на промена на власта во САД, подготвен и Трамп, за кого борбата се’ уште трае

Американската агенција за општи работи го известила новоизбраниот претседател Џо Бајден дека администрацијата на Трамп е подготвена да го почне процесот на формална промена на власта, се вели во писмото на шефицата Емили Марфи што го објавува СНН. Набрзо потоа следела реакцијата на Трамп, кој објавил твит со што ја потврдил одлуката за започнување на транзицијата, но и соопштил дека ќе ја продолжи својата борба.

Писмото е првиот чекор што администрацијата го презеде за да го признае поразот на претседателот Доналд Трамп.

Овој потег ќе овозможи официјално да почне промената на власта, дозволувајќи им на сегашните службеници на административната агенција да се координираат со тимот на Бајден што доаѓа и да обезбеди милиони федерални средства за транзицијата.

Потегот следи откако Мичиген и Џорџија официјално ги потврдија своите изборни резултати, додека Пенсилванија е се’ поблиску до официјална потврда. Тужбите на тимот на Трамп за одложување на потврдата за изборите беа одбиени во неколку држави, бидејќи неговиот правен тим не обезбедил доволно докази за распространета измама на изборите.

Неколку моменти по објавувањето на писмото, Трамп објави твит во кој ѝ се заблагодари на Емили Марфи за нејзината работа, а и ја потврди одлуката за почнување на промената на власта.

„Сакам да и’ се заблагодарам на Марфи за непоколебливата посветеност и лојалност кон нашата земја. Таа е малтретирана, загрозена и вознемирувана и не сакам да го гледа тоа што и’ се случува нејзе, на нејзиното семејство или вработените во GSA. Нашиот случај продолжува, ние ќе продолжиме да се бориме и верувам дека ќе победиме!“, напишал на Твитер се’ уште актуелниот претседател.

 


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.