ММС

Објавено на: 11/23/20 12:33 PM

Австралија основаше фонд од 18 милиони долари за заштита на коалите

Владата на Австралија денеска соопшти дека основала фонд од 18 милиони американски долари за заштита на коалите во таа земја, јавува агенцијата Анадолија (АА). Министерката за животна средина, Сузан Леј, соопшти дека фондот е основан со цел ревизија на состојбата и помош во зачувувањето на ендемскиот вид торбари, кои се погодени од неодамнешните разорни пожари во Австралија.

„Со фондот ќе се финансираат научните истражувања, ветеринарната помош и обновата на клучните живеалишта за коалите и спроведувањето на програмата за заштита од пожар“, изјави Леј.

Таа рече дека е јасно оти коалите се еден од најзагрозените видови, но дека научниците предупредуваат на недостаток на информации за состојбата на тој вид.

Од фондот ќе биде финансирана и борбата против болеста кламидија, која е една од најчестите причинители за смрт кај коалите. Повеќе коали годишно страдаат само од удар на автомобил на улиците, а со фондот ќе биде финансирана и превентивната кампања за јакнење на свеста кај возачите.


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.