ММС

Објавено на: 11/23/20 11:15 AM

„Еурактив”: Чувајте се од епидемија на вета при проширувањето на ЕУ

Со ветото на евроинтеграцискиот процес на Македонија, Бугарија ја користи својата позиција како членка на ЕУ за да постигне некои нејзини надворешно-политички интереси, на ист начин како што тоа го правеа многу други претходно, но проблемот е во тоа што Унијата како да нема желба и начин да ги обесхрабри ваквите еднострани постапки, оценува соработникот на Меѓународниот институт за безбедност од Белград, Орхан Драгаш за „Еурактив”.

– Фактот што Бугарија го блокираше стартот на преговорите за пристапување кон ЕУ со Северна Македонија не е ниту новина, ниту изненадување. Постои долга историја на соседски пречки на патот кон членство во ЕУ. Словенија ја блокираше Хрватска поради границата со Пиранскиот Залив, Хрватска веднаш штом стана членка на ЕУ ги блокираше преговорите на Србија, а Бугарија го стори истото на кусо пред три години, заради позицијата на нејзиното малцинство во Србија, наведува Драгаш.

Тој потестува и дека Грција со децении ја блокираше земјава без никакви шанси да се интегрира во ЕУ и НАТО, се додека не го смени името.

– За цело тоа време, ЕУ повторуваше дека нерешените соседски проблеми не смеат да бидат причина членка на ЕУ да стави вето на својот сосед што не е членка на Унијата. Но, кој би поверувал во тоа, особено по бугарското вето? Значи, проблемот не е во тоа што Бугарија го условува пристапувањето на Македонија, Бугарија ја користи само својата позиција на членка на ЕУ за да постигне некои нејзини надворешно-политички интереси, на ист начин како што тоа го правеа многу други претходно. И тоа е целосно легитимно. Но, проблемот е во тоа што ЕУ нема желба и начин да ги обесхрабри и спречи ваквите еднострани активности на нејзините полноправни членки, заклучува Драгаш.

Според него, со својот однос кон фактот дека Бугарија ја условува Северна Македонија со историски и идентитетски прашања, ЕУ и Германија како нејзин актуелем претседавач оставаат впечаток на „најголема и најотворена незаинтересираност досега за отворање на вратата за нови членки од Балканот”.

Ниту Брисел, ниту главните европски метрополи не се обидуваат да најдат утешни, оптимистички зборови за оние кои сè уште се во чекалната, тие едноставно веќе немаат волја за тоа, додава експертот.

Според Драгаш, по бугарскиот потег кон Северна Македонија, тешко е да се очекува зајакнување на довербата во ЕУ на Балканот, што отвора простор Европејците лесно да бидат заменети со некои други големи светски играчи, што ќе биде штетно и за ЕУ ​​и за регионот.

– Празното место на европскиот ентузијазам веднаш ќе го заземе некој друг, во чии планови за иднината на Балканот нема многу простор за напредок, безбедност и развој на балканските народи. И, за жал, на Западниот Балкан, се уште има голем потенцијал за конфликт, сиромаштија и корупција, оценува авторот во текстот во „Еурактив”.

Сепак, според него, додека Европа го потценува ризикот од бугарското вето на патот на земјава кон ЕУ, среќна околност е што САД имаат појасен став и бараат ваквите проблеми да се решат надвор од процесот на пристапување во Унијата.

– Судејќи спорес изјавата на Мајкл Карпентер, поранешен советник за надворешна политика на Џозеф Бајден, кој рече дека ниту Бугарија, ниту Северна Македонија не добиваат ништо од сегашниот конфликт и дека од тоа корист имаат само оние што сакаат поделби во Европа, ваквиот тренд (во американската политика) ќе продолжи и во идна администрација, заклчува Драгаш.

МИА


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.