ММС

Објавено на: 11/23/20 9:43 AM

Контактот „кожа на кожа“ меѓу мајката и бебето еден од најважните фактори за имунитетот – со д-р Николина Здравевска за здравјето кај најмалите

Додека се’ уште нема конкретен лек за коронавирусот, медицинските лица континуирано апелираат дека најмоќен сојузник во борбата со овој вирус е јакиот имунолошки систем. Тој е исклучително важен е и за реакцијата на детскиот организам против вирусите и бактериите кои се застапени во секојдневното опкружување. Што точно претставува имунитетот, како да го зајакнеме кај најмалите и колку е важно во оваа насока,  мајчиното млеко  – се само дел од прашањата за кои дискутиравме со д-р Николина Здравеска, педијатар на Одделот за неонатологија при Универзитетската Клиника за детски болести.

Што претставува имунитетот и како медицинската наука го дефинира овој поим?

-Имунитетот претставува медицински термин со кој се означува способноста на организмот да се спротивстави и одбрани од инфекција.  Заштитиниот механизам се состои од вроден (природен или неспецифичен) и стекнат (специфичен) имунитет – активен и пасивен. Имуниот систем е еден од најважните и најсовршени системи во организмот, чиј развој започнува во раните недели на бременоста, но неговото созревање се одвива бавно и постепено во првите три години од животот.

Кои фактори имаат влијание врз имунитетот кај децата? Дали има фактори кои одредена група деца ги става во ризична група и практично со тоа, тие имаат повеќе предиспозиции за послаб имунитет или да речеме дали гените имаат влијание на тоа?

-Каков имунитет односно каква отпорност ќе имаат децата зависи пред се’ од неговиот генетски потенцијал, исхраната и начинот на живот.  Иако на генетските фактори не можеме да влијаеме, сепак со одредени постапки можеме да допринесеме во функционирањето на нивниот имун систем. Имунолошкиот систем на новороденичињата е очекувано незрел, а неговото созревање се одвива постепено, па според тоа тие се со поголем ризик за развој на тешки инфекции.

Дали и што бремените жени може да преземат како превенција, како би донеле на свет бебе со јак имунолошки систем?

-Во текот на бременоста плодот е заштитен од инфекции. Единствена опасност за добивање на инфекција претставува ширење на инфекцијата од мајката преку мајчината крв и плацентата (десцендентен пат) и при поминување низ родилниот пат во тек на породувањето (асцендентен пат). Фетусот плива во плодовата вода која е вообичаено стерилна, а освен тоа содржи и различни неспецифични имунолошки фактори. Понатаму, околу плодовите мембрани и мукозниот чеп на цервикалниот канал претставуваат физичка бариера кои оневозможуваат премин на микроорганизмите кон плодот. Плацентата е пропустлива за голем број на супстанци, а за имунитетот е особено важно преминот на матерналните имуноглобулини од класата Г (IgG). Иако фетусот во одреден стадиум на гестацијата може самиот да продуцира имуноглобулини (IgA, IgM кои се исклучиво од фетално поткело) овие мајчини имуноглобулини служат како дополнителна заштита, претставуваат прво искуство на детето за тоа со кој микроорганизам дошла во контакт мајката во тек на бременоста и се особено значајни по раѓањето во текот на првите неколку месеци од животот кога го штитат новороденчето и доенчето од инфекција. Според тоа, во текот на бременоста мајката треба да ги презема сите неопходни мерки и да се стреми кон една нормална бременост, со правилна исхрана, и адекватен внес на сите неопходни макро и микронутриенти и редовни пренатални гинеколошки контроли.

После раѓањето новороденчето е опкружено на мноштво различни микроорганзими, па и покрај присутните антитела во неговата крв пренесени од мајката тоа не поседува способност за одбрана, односно е потребен извесен период на созревање и создавање на сопствени имунолошки механизми. Во првите моменти по раѓањето е особено важен контактот „кожа на кожа“ со мајката, со што новороденчето би се колонизирало со, за него познататите мајчини бактерии, а не со нови, непознати, болнички бактерии.

Каква е улогата на имунитетот во реакцијата на детскиот организам на вакцинацијата?

-Вакцините претставуваат биолошки производи кои стимулираат активен имунитет кон одредени заразни болести и обезбедуваат имунолшка меморија. Тие се една од најуспешните приказни во историјата на медицината благодарение на кои дошло намалување и целосно искоренување на одредени болести. При контакт со вирусот или бактеријата за кои е извршена вакцинацијата, имуниот систем ќе го препознае, ќе се активира и ќе спречи да се развие инфкеција. Важно доенчето во првата година да ги добие сите предвидени вакцини и тоа според утрврдениот редослед.

Kои се симптомите кои укажуваат на можно имунолошко пореметување кај децата и постојат ли вакви симптоми кај новорденчињата? Што се презема во еден таков случај, како изгледа лекувањето?

-Како што споменав и претходно новороденчето се раѓа со анатомски интактен имунолошки систем кој е антигенски наивен и функционално дефициентен. Најголема улога во неговата заштита имааат мајчините антитела, чистата околина и хигиената при хранењето. Фактори кои може да предиспонираат пореметување на имунитетот во оваа најрана возраст се мајчина болест, прематуритетот и ниската родилна тежина или вродени генетски болести наречени примарни имунодефицити. Овие генетски болести вообичаено се дијагностицираат подоцна во тек на доенечкиот период или детството кога детето ќе почне да страда од чести и невообиччаени инфкеции. Сепак, во одредени случаи при постоење на одредени карактеристики и физикални знаци во неонаталниот период како на пример тешки повторувачки инфекции, ненапредување во телесна тежина, постоење на зголемена слезена или црн дроб, кожни промени или синдромски карактеристики треба да се помисли на постоење на имундефицит кај новороденчето. Во тие случаи е неопходна консултција со имунолог за реализирање на специфични иследувања и спроведување на адекватна терапија.

Што значи мајчиното млеко за имунитетот на бебето и како се создава силен имунитет на бебе, доколку мајчиното млеко ги нема потребните параметри или едноставно мајката не е во можност да го дои?

-Еден од наједноставните и најмоќни начини за создавање на имунитет кај детето е доењето. Бројни научни студии докажале дека ставањето на детето на градата на мајката при контактот „кожа на кожа“ значајно влијае на обликувањето на неговиот имун систем. Мајчиното млеко претставува извор на оптимална количина на ензими, хормони, фактори на раст како и готови антитела кои овозможуваат адекватен раст на новороденчето и го штитат од заболувања. Поради тоа доените деца докажано помалку заболуваат од инфекции на горните дишни патишта, воспаление на ушите, гастроинтестинални инфекции итн. Големо значење во развојот на имунолошките механизми имаат пребиотиците, односно специјални шеќери кои кај доените деца ги има во голема концентрација. Највисока концентрација достигнуваат во првата недела на лактацијата што има огромно значење за формирањето на бактериската флора кај новороденчето. Нивната функција е во спречување на населувањето на патогените бактерии, а од друга страна стимулација на размножувањето на бифидобактериите (т.е добри бактерии).

Според тоа, кај едно новороденче кое е на екслузивно доење, концентрацијата на добите бактерии е најмалку десет пати повисока откулку кај доенчињата хранети со формула. Оваа гастроинтестинална микрофлора или микробиом кај новороденчето  е особено важна за адекватно созревање на механизмите на имунолошкиот систем.

Во текот на првите 6 месеци од животот на доенчето му е потребно единствено мајчиното млеко.  Исхраната со мајчино млеко е исто така важна за предвремено родените новороденчиња, сместени во единиците за интензивна нега и терапија за развој на нивниот микробиом и превенција од тешки инфекции и компликации. Поради тоа е особено важно кај овие мајки да се стимулира лактацијата и таа да се одржи и за време на продолжените престои на овие ризични новороденчиња во болнички услови.

Сепак во одредени случаи кога мајката не може да дои или нејзиното млеко не е доволно, новороденчето би требало да се храни со адаптирана млечна формула и тоа формули во кои има додадени пробиотици како би се овозможило развој на цревна бактериска флора слична како кај доените деца. Меѓутоа, за разлика од физиолошките стадиуми на развојот на мајчиното млеко кои се адекватни на потребите на новороденчето, адаптираните формули имаат ист и постојан состав. Поради тоа, за да го заштитиме доенчето од инфекции многу е важно успешното и долготрајно доење. Треба да се вложи максимален напор да доенчето биде на природна, а не на вештачка исхрана, бидејќи секоја капка млеко е добродојдена како на почетокот на неговиот живот така и подоцна.

Во кои месеци или во кое доба е најмногу важно да се обрне внимание и да се зајакне имунитетот на детето или за силен имунитет не е важна возраста?

-Наш секојдневен професионален предизвик особено во есенските и зимските месеци претставува како да одговориме на прашањето од страна на родителите „што да му се дава на неговото дете за да се зајакне имунитетот“, особено кога се очекува да лекот за имунитет се најде и купи во аптека. На пазарот постојат огромен број на препарати, кои во некои случаи помагаат, но никако не се замена за хранливите материи, ниту пак се адекватни на природно складираните количини. Неопходно е детето да се научи на правилна исхрана и здрави животни навики. Разновидни оброци кои ќе ги содржат сите видови на хранливи материи: протеини, масти, јагленохидрати, олигоелементи, антиоксиданси, растителни влакна. Храна која ќе изобилува со овошје и зеленчук, како извор на витамини значајни за имуниот систем. Во никој случај да не смее да се даваат антибиотици на своја рака, а и примената на пробиотиците кои се доста актуелни во изминативе години треба да биде во задолжителна консултација со педијатар.

Мајките знаат што точно значи дохранување на бебето, па објаснете ни што е тоа за сите оние кои се подготвуваат да станат мајки? Како треба, односно со што треба да се храни најмногу бебето кога ќе престане мајката да го дои?

-Со дохранувањето на бебето или воведување на дополнителна исхрана, позната како цврста храна треба да се започне на возраст од околу 6 месеци, во одредени случаи може и порано, но не пред 17-тата недела од животот. Постојат фази на дохранувањeто, од првично навикнување на различни вкусови и исхрана со лажичка, до постепено заменување на млечните оброци. Се започнува со зеленчуковите и овошни каши, најпрво со поединечни вкусови, па во понатамошните фази следи внесот на месо и житарки, млечни производи и јајца. На возраст од 9-12 месеци детето би требало да има три оброци како дохрана, кои ќе вклучуваат скроб, овошје и зеленчук, месо и млечни производи. Потребно е да се обезбеди разновидна, добро избалансирана и биолошки вредна храна за секој ден.

Што би ги советувале родителите за тоа како да го зајакнат имунитетот на своите деца, особено во зимскиот период кој следи?

-Секако зимскиот период е сезоната на вирусни заболувања, настинки, грип и вообичаениот период кога децата почесто се раболуваат од респираторни инфекции.

За зајакнување на имунитетот јас уште еднаш ќе го повторам се’ она што го изнесов погоре: првенствено добра и урамнотежена исхрана како најсилна поткрепа на имунитетот; обезбедување на адекватен сон кој овозможува одмор на организмот, опоравување и подготовка за секојдневните активности; физичка активност, престој на отворено, на чист воздух и суплементација со витамин Д за чие позитивно влијание на имуниот систем постојат огромен број на докази.

Вања Мицевска


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.