ММС

Тотенхем со класична „Мурињовка“ ја продолжи мизеријата на Манчестер Сити сезонава

Човекот кој најмногу пати го има поразено Жозе Мурињо во кариерата, во дербито на колото остана покус за уште една победа во меѓусебните дуели, продолжувајќи ја мизеријата на својот тим сезонава.

Тотенхем на класично „Мурињовски го совлада Манчестер Сити во дербито на колото во Премиер Лигата и се искачи на самиот врв на табелата. Феноменалниот Јужнокореец, Сон, уште во петтата минута совршено ја искористи асистенцијата на препородениот Ндомбеле и му донесе водство на Тотенхем.

Сити до крајот на полувремето напаѓаше и имаше иницијатива, но поседот и бескрајните додавања на тимот на Пеп Гвардиола не беа валоризирани и претворени во погодок за изедначување. Второто полувреме стартуваше на идентичен начин. Мурињо го „паркираше автобусот“, чекајќи своја шанса од контра и полу-контра против порозната одбрана на клубот од „Етихад“.

Тотенхем го удвои водството инстантно по влегувањето на Џовани Ло Селсо во игра. Аргентинецот практично со првиот допир влезе во шанса и по низ нозете на Едерсон ја протна топката во мрежата во 65-тата минута.

Впечатокот е дека Мурињо многу добро го прочита животниот ривал, иако во последно време многумина стратези пронајдоа против-игра за некогаш полетниот и опасен колектив од Манчестер. Формата на добар дел од играчите, особено оние кои изминатите сезони беа носители, е во надолна линија. Кевин Де Брујн и Рахим Стерлинг не успеваат да ги поврзат редовите, а проблемите не се решени ниту во дефанзивната фаза и покрај доведувањето на централниот дефанзивец од Бенфика, Рубен Диас.

Тотенхем со трите бода се враќа на првата позиција во лигата и со два поени пред лондонскиот ривал Челзи ќе оди на мегдан на „Стемфорд Бриџ“ следната недела во рамките на десеттото коло.

 

Фото:

skysports.com


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за преземање.