ММС

Казнет со 400 евра бидејќи јадел бурек без маска, бурекчилницата се нуди да ја плати казната

Бурекчилница во Љубљана се нуди да ја плати казната на момче кое е казнето за јадење бурек без маска на јавно место, пренесува „РТС“.

Случајот со момчето кое е казнето со 400 евра во центарот на Љубљана поради тоа што ја отстранил маската за да јаде бурек, стана многу популарна тема во Словенија, а фотографијата како полицаецот му ја пишува казната се прошири на интернетот. За ова се зборуваше и во парламентот на Словенија.

-Го бараме славниот доставувач на хранa кој минатата недела во Љубљана плати казна за конзумирање храна на степениците пред Фрањевачката црква. Имаме намера да го прашаме каде го купил бурекот. Ако се докаже дека е наш бурек, подготвени сме да му ја платиме казната, објави на „Фејсбук“ познатата бурекчилница „Бурек Олимпија“.

Oпозицијата ја искористи приликата да ги искритикува преземените мерки и ги опиша како апсурдни и претерани, а за казната истакнаа дека е дискриминирачка, бидејќи во јавност некои политичари се појавувале без маски и не биле казнети, наведува „Јутарњи лист“.

Словенечката полиција тврди дека казната била оправдана, затоа што момчето не носело маска во склад со прописите.

 

Извор:

rt.rs

Фото:

rt.rs


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за преземање.