ММС

Објавено на: 11/20/20 3:43 PM

Ретроспектива на бугарското вето

„Одобрување на преговарачката рамка со Албанија, но не и со Македонија“, вака министерката за надворешни работи Екатерина Захариева, се обрати пред новинарите по завршување на Советот за општи работи на ЕУ.

„Заврши дискустијата на тема проширување на Европската Унија. Ја изразив позицијата на Бугарија, така што во оваа фаза не можеме да ја одобриме преговарачката позиција со Северна Македонија. Ги запознав колегите со разговорите меѓу Софија и Скопје и изразив благодарност за напорите што ги направи Германија“, изјави Захариева.

Со тоа нашата земја доби вето од Бугарија за старт на преговорите за членство во ЕУ, а како изговор од страна на бугарската шефица на дипломатијата беа тврдењата дека нема напредок во исполнувањето на Договорот за добрососедство кој беше потпишан летото 2017 година.

„Бугарија е отворена за разговори и јас би сакала да се вложуваат повеќе сили во напредокот на разговорите, отколку во кампања против Бугарија. Смислата на подготовката за членство и проширувањето ќе ја направи Унијата посилна, но ако на масата на ЕУ има нерешени прашања како што има помеѓу некои држави членки тоа нема да ја направи Унијата посилна. Добрососедставото е во интерес на граѓаните на земјата што е кандидат. Не може со соседната земја да потпишеш нешто, а потоа да не го исполнуваш. Добрососедството треба да се базира на пракса, а не само на текст“, рече Захариева.

Но не е само проблем неиполнувањето на Договорот за добрососедство, сега Бугарија смета дека зад нивниот став има и „деловни пречки“ како наводно блокирање на бугарски инвестиции во земјава со административни пречки, застој во изградбата на Коридорот 8, недоснесување на тригодишната програма за образование и култура од македонска страна и одбивање на соработката во одбраната. Во излагањеата на шефицата на бугарската дипломатија се споменува дека за Софија неприфатливо е зголемувањето на антибугарската кампања во земјава. Захариева смета оценува дека говорот на омраза во земјава не се појавил во последните месеци туку дека антибугарската кампања не е запрена, а се влошува во вакви моменти.

По ветото од Бугарија, се изјасни и бугарскиот премиер Бојко Борисов, со слична реторика и став како и шефицата. „Бугарија отсекогаш беше една од земјите кои најмногу инсистираа на европската интеграција на Република Северна Македонија и на другите држави од Западен Балкан“, вели Борисов.

„Бугарија силно ја поддржа Република Северна Македонија за влез во НАТО. Отсекогаш сме биле исклучително добронамерни и јасно кажавме до каде може да одат нашите компромиси. Формиравме и заедничка историска комисја, во која експертите требаше да ги решаваат спорните прашања само со аргументи. Со вицепремиерите Захариева и Каракачанов одржавме десетици средби во потрага по решенија. Дадовме се од себе да не бидеме државата која ќе каже „не” на стартот на преговорите со Република Северна Македонија“, рече Борисов.

Тој смета дека македонските власти со притисок и лобирање, ќе може да влијаат на тоа Бугарија да ги промени позициите.

„Нашата позиција не од инает, туку е принципиелна и ги отсликува очекувањата на сите Бугари. Се разбира, подготвени сме да ги продолжиме разговорите, продолжуваме да го почитуваме Договорот за добрососедство. Сепак, очекуваме да ја видиме истата посветеност и од другата страна“, рече Борисов.

Бугарскиот вицепремиер и министер за одбрана Красимир Каракачанов во утринското гостување на БНТ, пред два дена истакна дека сегашниот премиер Зоран Заев е тој што има најумерен политички јазик.

„Неисполнувањето на Договорот за добрососедство е потврда дека ништо не се менува во нивната политика, освен што одвреме-навреме тие даваат добронамерна изјава, главно од Зоран Заев. Тие не престанаа да ги подбуцнуваат, така да се каже, нивните агенти во Бугарија, да ги финансираат и да прават обиди преку дипломатија да создадат малцинство. Како што велат, натпреварот заврши тој ден. Постои теоретска можност до крајот на годината прашањето за почеток на преговори да биде вратено на агендата, но во реалноста тоа не може да се случи“, изјави Каракачанов.

Ставот на македонската страна пак е дека нема простор да се разговара за националност, идентитет и јазик но дека ќе продолжат обидите за достоинствено решение.

Вицепремиерот за европски прашања Никола Димитров, во интервју  за виенскиот весник „Стандард“ смета дека ставеното вето за почеток на пристапните преговори на ЕУ со Северна Македонија не е добар, ниту за Европа, ниту за европската перспектива на нашиот регион, а особено не за нас, вели Димитров за виенски „Стандард“.

Вицепремиерот нагласува дека земјава не се откажува од разговари со Софија, но потенцира дека нема да преговараме за тоа кои сме и кој јазик го говориме. За евроинтеграција потенцира дека тоа „кои сме ние – имено Македонци – и кој јазик го говориме – имено македонски” – е всушност внатрешно прашање и прашање на самоопределба.

Претседателот на државата Стево Пендаровски и премиерот Зоран Заев по завршување на состанокот на Советот за безбедност, одговараа на новинарски прашања помеѓу кое и она беше поставено дали чувстуваат одговорност поради ветото на Бугарија. Според претседателот Пендаровски, блокадата се базира на барања на Софија надвор од Договорот за добрососедство.

„Не чувстувам одговорност за ветото кое е се поизвесно од Бугарија затоа што не сме потпишале ниту договориле ни писмено, ни усно надвор од Договорот за добрососедство.Во однос на констатацијата дека договорот со Бугарија е правна основа за блокадата од Бугарија тоа не е точно. Затоа што договорот нема ниту една одредба која создава правна, политичка може да разговараме. Правна основа тој договор не создава за блокада, затоа што бугарските барања со кои ние сме де факто блокирани ги нема во договорот. Бугарските барања во однос на некои преговори, разговори за нашиот етнички идентитет и македонски јазик воопшто не се содржани во Договорот“, изјави претседателот.

Додека пак премиерот Заев рече дека целиот свет не гледа како Европејци со поглед кон иднината и дека во бугарските барања во однос на некакви преговори, разговори, за нашиот идентиет или за нашиот македонски јазик, воопшто не се содржани во договоорт.

„Целиот свет знае да не пофали, знае да не награди и знае да го покаже тоа колку сме луѓе со поглед кон иднината, далекугледни, колку сме европејци и како тоа го правиме во европски манири, управувајќи ја државата како извршна власт“, рече премиерот.

Од опозициската ВМРО ДПМНЕ исто така излегоа со свој став во кој велат дека имаме право на европска иднина и почитување на македонскиот идентитет. Лидерот на опозициката партија на прес конференција излезе со неколку ставови.

„За коалицијата – македонскиот јазик, неговите историски корени и антропологија, како и неговата признаеност се неспорен историски факт кој е потврден и признат од целокупната светска научна јавност и околу овој факт нема дискусија.Коалицијата повикува на почитување на македонската историја и нејзината посебност. И се спротивставува на вештачката промена на улогата и карактерот на националните херои кои се бореле за слободна и независна македонска држава“, изјави Христијан Мицкоски.

За ветото од Бугарија, пишуваа и светските медиуми, помеѓу кој и австриски Шпингл кој излезе со наслов „Нација без дозвола на соседот” напис во кој наведува дека Северна Македонија е кандидат за членство во ЕУ од 2005 година, но во континуитет нејзините соседни земји го блокираат почетокот на преговорите за членство. Најпрво земјата требаше да го смени името под притисок на Грција, сега за неа нови услови поставува Бугарија, потсетува весникот.

„Некои националисти ги сметаат за Грци, кои говорат на словенски јазик. Други ги сметаат за јужносрби или западни Бугари. На Македонците во поновата историја воопшто не им било лесно да бидат признати како посебна нација, со посебен јазик. До ден денес Македонија од нејзините соседи, Грција, Србија и Бугарија се смета за конструкција и вештачка нација“, пишува „Шпигел”.

Истакнува дека бугарската Влада во моментов сака да докаже дека „македонското прашање” – едно од клучните политички прашања во историјата на Балканот, не треба да биде само предмет на дискусија на историчарите. Бара Северна Македонија официјално да објави дека македонската нација има бугарско потекло и дека македонскиот јазик всушност е западно-бугарски дијалект.

Се додека властите во Северна Македонија не го прифатат ова, пишува „Шпигел”, Бугарија нема да даде согласност за почеток на преговорите за членство во ЕУ.

Поранешниот бугарски министер за надворешни работи и поранешен европратеник Ивајло Калфин, во интервју за бугарскиот портал „Фокус” вели дека Бугарија многу брзо треба да ги изгради односите со Северна Македонија врз нова основа. Вели дека Софија не требала да го употреби „тешкото оружје” – блокирање на Скопје. Бугарија, според него, сега треба да преземе мерки за излез од ситуацијата со која сама себе се изолирала во ЕУ.

Калфин предлага градење на односите со Скопје врз нова основа и според него тоа мора да се случи многу брзо. Второто нешто што Бугарија треба да го направи, според него, е веднаш да започне разговори на политичко ниво за излез од оваа ситуација.

Г.Д


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.