ММС

Објавено на: 11/20/20 11:35 AM

Од суштинска важност е да се зачува независноста на Народната банка, порачува Мисијата на ММФ

Со оглед на клучното значење на капацитетот на Народната банка на Република Северна Македонија да презема навремени супервизорски активности за да ја обезбеди стабилноста на финансискиот систем, од суштинска важност е да се зачува нејзината независност. Ова ќе ѝ овозможи на централната банка и понатаму да ги остварува своите задачи за одржување на ценовната стабилност и за заштита на финансиската стабилност, коишто се круцијални предуслови за одржлив раст.

Ова го истакнува шефицата на мисијата на ММФ Берглјот Баркбу, во изјава дадена по годишните редовни состаноци што се одржаа видеоконференциски во периодот од 9 до 18 ноември.

– Релаксираната монетарна политика е соодветна и НБРСМ е подготвена да дејствува соодветно за да го заштити де-факто фиксниот курс на денарот, оценува Баркбу. 

Во изјавата, меѓу другото, таа нагласува и дека според оцените на мисијата на ММФ, вкупниот банкарски систем и понатаму е добро капитализиран и профитабилен. 

– Од голема важност е да се одржат строги правила за класификација на кредитната изложеност и за издвојување резервации за кредитите, со цел да се осигура дека банките имаат доволно резерви за покривање на потенцијалните загуби. Банките би требало да се охрабрат да се воздржат од дискреционо исплаќање дивиденди и од откуп на сопствени акции, порачува шефицата на ММФ. 

Во изјавата е истакната и оценката на мисијата на ММФ, дека навремените мерки преземени од НБРСМ и од Владата одиграле суштинска улога во ублажувањето на економското и социјалното влијание на пандемијата. 

Од мисијата на ММФ истакнуваат дека се очекува економската активност да закрепне во текот на следната година, но дека вториот бран на пандемијата претставува ризик за интензитетот на закрепнувањето. Истовремено е нагласено дека надминувањето на здравствената криза и понатаму е врвен приоритет и дека ќе биде од суштинско значење за заштитата на луѓето и економијата. 

Според оцените на мисијата на ММФ, соопштени во изјавата на Баркбу, потребно е и натаму да се одржува релаксирана монетарна политика сѐ додека процесот на закрепнување е во тек. Истовремено е напоменато дека издвојувањето на соодветни резервации за потенцијални загуби на банките останува од клучно значење. 

Во периодот од 9 до 18 ноември, мисијата на ММФ предводена од Берглјот Баркбу одржа и низа состаноци со експертските тимови на Народната банка, како и завршен состанок со гувернерката Анита Ангеловска-Бежоска и севкупното раководство на Банката.


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.

1x1