ММС

Македонија останува без радио – АЕК ги гаси медиумите за седум дена

Покажувајќи поголема моќ од Владата и нејзината уредба, за точно седум дена Агенцијата за електронски комуникации (АЕК) ќе го угаси сигналот на радио станиците во државата. Ова, според здружението АПЕММ е најавата која доаѓа  од најбогата агенција во државата – АЕК, која бара радијата да го платат годишниот надоместок за користење на радиофрекфенции, од кој беа ослободени од Владата со уредба, која има законска сила. Владата ги ослободи радијата од овој надоместок, како конкретна помош за медиумите.

-Со овој потег, АЕК се издигна над Владата, како помоќна институција и одлучи да ја погази владината уредба. Од нашата комуникација со Владата, овој однос на АЕК значи непочитување на извршна владина наредба. Но, и покрај тоа, до радијата е испратен лихварски улиматум од Агенцијата – или радијата ќе го платат надоместокот од кој се ослободени или ќе бидат угасени.

АЕК свесно погазува владина уредба и во улога на цензор, за седум дена ќе угаси близу 70 медиуми. Така ли се демонстрира слободата на говор – преку лихварско гасење на медиумите?!, прашуваат од АПЕММ.

Во време кога медиумите се обидуваат да го преживеат финанскиот удар од здравствено – економската криза со пандемијата на ковид – 19, АЕК бара да наплати меѓу 300 и 5500 евра од секој медиум, што за нив претставува минимален расход за нивните советници.


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за преземање.