ММС
Банер за Супер7

Објавено на: 07/10/18 1:28 PM

Се’ за храна: Намирници за подобар тен и поубава кожа во лето

Сонцето и изложувањето на сончевите зраци имаат поволно влијание на организмот. Но, изгорениците од сонцето воопшто не изгледаат убаво, а имаат и штетни последици по здравјето. Па, дали може да ги превенираме изгорениците од сонце со исхраната и дали постои природен „заштитник“ од штетните УВ зраци? Освен со користење на масла и лосиони со заштитен фактор, за добивање на подобар тен и поубава кожа во лето, големо влијание има и исхраната. Направивме листа на најдобрите намирници кои ќе ви помогнат во таа цел!

Зошто сончањето е корисно?

Умереното изложување на сонце е корисно и помага за создавање на витаминот Д кој е неопходен за апсорпцијата на калциум и фосфор што е од значење за функционирање на мускулите, јакнење на коските и спречување на остеопороза. Го подига имунитетот, спречува кардиоваскуларни болести и има благопријатно влијание кај кожните заболувања како што се на пример псоријаза и егзема. Ултравиолетовите зраци го ослободуваат хормонот на среќата (ендорфин) кој влијае на нашето расположение, делува против депресија, а топлината создава чувство на пријатност. Со прошетките на сонце се стимулира производството на мелатонин, хормонот кој го регулира сонот, расположението и има позитивно влијание на имунитетот. Но, сé треба да биде умерено!

Негативни последици од прекумерното изложување на сонце

Предолгото и пречесто изложување на сончеви зраци предизвикува изгореници, сушење на кожата, појава на пеги, намален имунитет и во крајни случаи појава на карцином на кожата.

Што да се консумира за да се добие подобар тен?

За да се избегнат негативните последици од изложувањето на сонце, потребно е кожата да се подготви и „однатре” преку храна богата со витамини од Б групата, А, Ц и Е како и каротеноиди кои се наоѓаат во зелениот лиснат зеленчук и бобинкастото овошје. Постојат многу намирници кои треба да се вклучат во исхраната во летниот период, со што би изгледале и би се чувствувале подобро:

Доматите се извор на ликопен

Доматите содржат витамин А и ликопен кој е силен антиоксиданс. Ликопенот го успорува стареењето на клетките и делува антиканцерогено.

Боровинките се богати со флавоноиди

Виолетовата боја на боровинките им ја даваат флавоноидите кои исто така го успоруваат стареењето.

Лимон, грејфрут и киви како природен извор на витамин Ц

Овие овошки се богати со витамин Ц кој помага во формирањето и синтезата на колаген. Состојките кои ги содржат се борат против УВ зраците кои предизвикуваат сончеви пеги, ја поправаат и зацврстуваат кожата, ги подобруваат структурните и функционалните оштетувања.

Мешунките и јајцата се добар извор на витамини Б
Овие намирници се богати со витамини од Б групата кои го урамнотежуваат односот на есенцијални масни киселини (едни од најважните структурни материјали на епидермот на кожата), а во исто време ја снабдуваат кожата со вода.

Морковите и лубеницата содржат витамин А
Морковите и лубеницата содржат витамин А кој ја поттикнува циркулација и се бори против сушењето на кожата, а морковот дополнително ги штити и очите.

Морковот, кајсиите и тиквата се извор на бета каротен
Портокаловите зеленчуци и овошја содржат бета каротен кој ја штити кожата однатре. Посебно е важно оваа храна да се јаде пред почетокот на летото бидејќи така кожата ја подготвуваме за изложување на сонце.

Магдoнос, житарици, морски плодови и лук
Овие намирници го успоруваат растегнување и опуштање на кожата.

Совети плус: Освен храната за заштита од сонце постојат и намирници кои го јакнат имунитетот како што се шитаке печурки, јогурт, зелен чај кои се важен извор на полифеноли – борци против слободните радикали кои ја оштетуваат ДНК и го забрзуваат стареењето на кожата. Многу важно е да се пие најмалку 2 литри вода на ден, затоа што кожата добива повеќе влажност, а телото се чисти.

 

Превземено од::sezahrana.mk


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.

Банер за Супер7
1x1