ММС

Објавено на: 11/16/20 11:12 AM

ВИДЕО: Голманот на Албанија фатен на „дремка“, Казахстан постигна гол од центарот на теренот

Албанија во рамките на групата 4 во Лигата Ц при Лигата на Нациите, успеа на домашен терен да ја совлада селекцијата на Казахстан со 3:1 и да ги сочува шансите за прво место во групата и промоција во Лига Б.

Албаните ја оправдаа целосно фаворитската улога против далеку понеквалитетниот колектив, но тоа што „падна во око“ и за кое зборуваа сите, не е конечниот резултат или пак добрата игра на терен. Туку голманот Бериша и репрезентативецот на Казахстан, Исламбек Куат.

Албанија преку Ардијан Исмаили во 23 минута постигна погодок за 2:0 и веднаш по изведувањето на почетниот удар од центарот на теренот, прими гол и го загуби водството од два погодоци. Кога мислиме веднаш, мислиме баш…веднаш.

Поранешниот чувар на мрежата на Аталанта и сегашен голман на Спал, се подзаборави во славјето и заборави која е неговата позиција и функција на теренот. Куат одлично го забележа тоа и инстантно по изведувањето од центарот шутираше од педесет метри и го погоди полу-празниот гол.

Ваквата грешка за среќа не беше погубна за Албанија, но беше „погубна„ за Бериша откако снимката од примениот гол го обиколи целиот свет и социјалните мрежи.

 


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.