ММС
Банер за Супер7

Објавено на: 11/15/20 11:42 AM

Градското обележје на Гостивар обоено во сино по повод Светскиот ден на дијабетесот

Гостиварската локална самоуправа синоќа со поставување сино светло на обележјето на кејот симболично се придружи во одбележувањето на Светскиот ден на дијабетесот.

Градоначалникот Арбен Таравари, придружуван од членови гостиварското здружение на дијабетичари беше на кејот и разговараше за кампањата и потребите на овие лица

– Се приклучивме на кампањата на Сојузот на здруженија на дијабетичари во Република Северна Македонија и по повод Светскиот ден на дијабетесот, го осветливме монументот ГОСТИВАР со сино светло. Ние се придружуваме на кампањата која има за цел да ја подигне свеста на граѓаните и да им даде поддршка на оние кои имаат потреба да живеат со оваа болест, изјави градоначалникот на општина Гостивар Арбен Таравари.

Тој нагласи дека правото на здрава животна средина се постигнува со создавање на подобри здравствени услови и политики и, како што рече, во време на пандемијата смртноста како резултат на дијабетес кај заболени лица од Ковид 19 покажува тренд на зголемување.

Велко Бобароски од Здружението на дијабетичари Гостивар се заблагодари од името на сите членови на укажаната почит и поддршката која локалната власт ја пружила на ваков начин и смета дека на ваков начин ќе се подигне свеста за постоењето на болеста.

Светскиот ден на дијабетесот се одбележува од 1991 година. Бројот на луѓе со дијабетес во светот денес е над 425 милиони. Во Гостивар и околните општини, инсулинска терапија примаат близу 1.800 лица, а проблеми со регулирање на нивото на шеќер во крвта над седум илјади граѓани.

Зоран Маџоски


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.

Банер за Супер7
1x1