ММС

Објавено на: 11/9/20 2:13 PM

Репрезентативниот голман Божиновски е позитивен на Ковид-19

Голманот на кратовски Силекс и репрезентативна опција за селекторот Ангеловски, Даниел Божиновски, позитивен е на Ковид-19 по вообичаените тестирања во пресрет на финалниот дуел од плејофот од Лигата на Нациите.

Божиновски ќе биде недостапен против Грузија, а селекторот нема намера да повика друг голман како негова замена. Тој немал контакт со останатите колеги при пристигнувањето во хотелот вчера и веднаш по добиениот резултат го напуштил.

-За жал, позитивен сум на корона вирус и ќе мора да поминам одреден период во карантин. Немам симптоми, но принуден сум да бидам изолиран од соиграчите во следниот период. На репрезентативните колеги им посакувам многу среќа и успех во намерата да се избориме за пласман на Европско првенство. Јас ќе бидам еден од најголемите поддржувачи, изјави Божиновски за веб-страницата на ФФМ.

Неизвеснота околу доаѓањето на Горан Пандев, Елиф Елмас и Илија Несторовски во Скопје останува да „виси“ во воздухот, откако клубовите во Италија поради пандемиската ситуација решија да не ги остават своите играчи да ги извршат репрезентативните обврски во оваа интернационална пауза.

 

 


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.