ММС

Објавено на: 11/5/20 2:09 PM

Тажен ден за Кавадарци, поради компликации со ковид почина 21-годишно момче

За само три дена во Кавадарци згаснаа два млади животи поради компликации од ковид 19. Браќата Марјан и Горан Ѓерѓеви ја загубија битката со непредвидливиот вирус. Марјан почина на 26 годишна возраст на инфективна клиника во Скопје пред неколку дена, а денеска згасна животот и на неговиот 21 годишен брат Горан.

Кавадарци е во шок по ова тажна вест. Граѓаните со неверување ја примаат веста дека вистинска трагедија се случи во едно семејство за само неколку дена.

„ Ова е тажен ден за нашето Кавадарци. За жал денес изгубивме уште еден млад човек кој не успеа да се избори со оваа страшна пандемија. Пред два дена го изгубивме Марјан Ѓерѓев на 26 годишна возраст, денес почина и неговиот брат Горан Ѓерѓев на 21 годишна возраст. Трагедијата е огромна и нема зборови кои можат да дадат утеха на семејството Ѓерѓеви во овие моменти. Заедно со Советот на Општина Кавадарци изразуваме длабоко сочувство до таткото на починатите братчиња и нивниот брат и поширокото семејство. Пандемијата однесе два човечки животи на двајца браќа во период од 3 дена, немоќни сме да се бориме и да дадеме утеха. Уште еднаш изразуваме длабоко сочувство и стоиме на располагање за помош на семејството кое е погодено од огромна трагедија“ напиша градоначалникот на Кавадарци, Митко Јанчев на својот фејсбук профил по денешната тажна вест за смртта на уште еден млад кавадарчанец.

И двајцата браќа, како што информираа лекарите, имале сериозен коморбидитет, апластична анемија. Момчето што почина денеска пред два дена беше транспортирано на инфективна клиника во Скопје по влошена здравствена состојба. На инфективна клиника во Скопје денеска почина и уште една кавадарчанка, поради компликации од Ковид 19.

Се зголемува бројот на хоспитализирани пациенти на ковид одделот во кавадаречката болница, а со тоа се исполни и капацитетот на одделот. Од болницата утринава информираа дека во моментот на болничко лекување се 39 пациетни.

„Има уште еден слободен  болнички кревет. Од денеска го зголемуваме капацитетот за уште 10 легла со што ќе имаме вкупно 50 за ковид позитивни пациенти. Од денеска во ковид центарот заедно со интернистите ќе работат  и доктори  специјализанти кои се вратија од Скопје, само да помогнат на овие пациенти“ вели директорот на болницата д-р Диме Коцев.

Тој информира дека е починат еден пациент на 70 годишна возраст од село Сопот.

Ангел Данов


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.