ММС
Банер за Супер7

Објавено на: 11/2/20 1:46 PM

Ова не е наслов од 2012 година: Герет Бејл му донесе победа на Тотенхем, Арсенал конечно го освои „Олд Трафорд“

Поглавјето „Реал Мадрид“ за Герет Бејл конечно заврши летово и тоа се чини дека претставуваше олеснување и за двете страни. Велшкиот репрезентативец последните години во Мадрид беше заинтересиран за сè, освен за фудбал, но и покрај тоа, директниот импакт кој Бејл го остави во кралскиот клуб никогаш нема да може да се занемари и избрише.

Бејл летово се врати дома и два месеци подоцна го постигна победничкиот погодок против Брајтон во седмото коло во Премиер Лигата. Погодок вреден три бода и второ место на табелата веднаш зад шампионот Ливерпул.

Екипата на Мурињо не успеа да ја наметне својата препознатлива игра против „тврдиот“ Брајтон. Хари Кејн од белата точка го отвори резултатот во 13 минута и оттогаш Тотенхем не креираше доволно шанси да го зголеми водството, а Брајтон мирно ја чекаше својата прилика преку крилните бекови Тарик Лампти и Соли Марш.

Токму поранешниот играч на Челзи, Тарик Лампти, се уфрли во шеснаесетникот на Љорис по додавањето на Паскал Грос и ја испрати топката во левиот агол за 1:1. Kако што одминуваше натпреварот, на некој чуден начин Брајтон беше поблиску до втор победнички гол, отколку домаќинот Тотенхем. И тогаш на сцена стапи Жозе Мурињо и во 70 минута го замени Ерик Ламела со Герет Бејл. Треба да се спомене и тоа дека последниот пат кога Бејл влезе во клупа во премиерлигашки дуел, Тотехем испушти водство од три голови против Вест Хем, но тоа овојпат не беше случај.

Напротив, две минути по стапнувањето на терен Бејл со глава од непосредна близина го матираше резервниот голман на Брајтон, искористувајќи го одличниот центаршут од новата аквизиција на тимот од северен Лондон, Серхио Регулион. Потребни беа повеќе од седум години за да некогашниот фудбалер на Саутемптон и своевидна легенда на Тотенхем во поновата историја, постигне гол Тотенхем.

Дербито на седмото коло во Премиер Лигата се одигра на „Олд Трафорд“, стадионот на кој Арсенал немаше победа повеќе од 13 години. Да, цели 13 години „топџиите“ не знаеја за три бодови од „театарот на соништата“. До вчера и до победничкиот гол од 11 метри на Пјер-Емерик Обамејанг.

Микел Артета во досегашниот мандат на чело на Арсенал во дерби дуелите излегувал претпазливо и со далеку подефанзивен состав од вообичаено. И бидејќи тоа беше случај вчера, очекувањата се сведоа на „досаден и контрашки“ фудбал од гостите. Сепак, на терен друга приказна. Растрчаниот Арсенал предводен од двоецот во средината Елнени-Парти, целосно ја неутрализираше играта и тактиката на Оле Гунар Солскјер и само пречката по шутот на Вилиан и „неколкуте сантиметри помалку во нозете на Обамејанг“ го спречија Арсенал уште на полувреме да замине со водство.

Кој чека, ќе дочека. Шпанскиот десен бек, Хектор Белерин, во 67 минута беше срушен во шеснаесетникот на опонентот, кога Пол Погба невнимателно ја „собра“ ногата на Белерин. Мајк Дин воопшто не се колебаше и покажа на белата точка. Лошата голгетерска серија ја оконча Обамејанг и го испрати Давид Де Геа во спротивната страна.

Норвешкиот стратег реагираше, според фановите на Јунајтед и предоцна, па преку Кавани и Ван де Бек на местото од Гринвуд и Бруно Фернандес се обиде да го нападне Лено и да обезбеди барем бод. Довчерашниот играч на Ајакс ја проба својата среќа, но таа за жал не го посака, откако шутот на Ван де Бек заврши во десната статива. Оваа победа го втурна Арсенал на првата половина на табелата, а го закова Манчестер Јунајтед дури на 15-тата позиција.

Неделниот термин од 13:00 на гледачите ширум светот им обезбеди двобој со седум постигнати голови, мајстории од слободен удар и доцно будење на Џек Грилиш и момците на Дин Смит. Фуриозното прво полувреме на Саутемптон на „Вила Парк“ му донесе победа од 3:4 и моментално место кое води во Лигата на Шампионите. Јаник Вестергаард по центаршутот на играчот на натпреварот, Џејмс Ворд-Праус, ја закова топката во мрежата на Емилијано Мартинез. Асистентот од претходно и специјалист за слободни удари, од таква ситуација го совлада маестрално Аргентинецот и го зголеми водството. Истиот играч во 45 минута повторно од прекин постигна гол „ала Бекам“.

Вторите 45 минути за Астон Вила продолжија во ист манир. Дени Ингс фантастично шутираше од 25 метри оддалеченост, матирајќи го Емилијано Мартинез. Кога се чинеше дека натпреварот полека ќе се приведе кон крајот, Вила и Грилиш се разбудија и не дозволија евтино да ја продадат кожата.

Во шеснаесетикот на гостите по центаршутот на Грилиш се најде Тајрон Мингс и во 62 минута му даде надеж на изненадувањето од самиот почеток на кампањата 2020/21 во Англија, дека можеби ќе се случи уште еден филмски режиран камбек. До камбекот Вила не дојде, но се доближи откако во 93 минута Грилиш беше фаулиран, а судијата покажа на удар од 11 метри кој Оли Воткинс рутинирано го претвори во гол. Ударот на Џек Грилиш во последните секунди од дуелот го намали резултатот на 3:4.

Проблемите на Карло Анчелоти продолжија и на „Сент Џејмс Парк“, бидејќи Евертон загуби на тешкото гостување кај Њукасл со 2:1. Калум Вилсон во вториот дел двапати беше погубен за шведскиот чувар на мрежата Робин Олсен, а Калверт-Луин во 91 минута само го намали резултатот, продолжувајќи ја својата голгетерска серија. Евертон и покрај овој пораз остана на самиот врв на табелата со 13 освоени бодови.

Последните два натпревари од седмото коло се играат денес. Фулам и ВБА ќе ја бркаат првата победа во најдобрата англиска дивизија, додека пак Лидс и Лестер во вечерниот термин ќе ги вкрстат копјата на „Елан Роуд“.

 

Фото:

www.bbc.co.uk

www.cbssports.com

 

 

Давор Јосифоски

 


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.

Банер за Супер7
1x1