ММС
Банер за Супер7

Објавено на: 10/29/20 2:48 PM

Кавадаречката болница повторно го прошири капацитетот на ковид одделот

Нов оддел со капацитет од 20 легла за прием на ковид пациенти од утре ќе биде во функција во кавадаречката болница, информираше денеска директорот на болницата, д-р Диме Коцев. Со тоа капацитетот за третман на ковид позитивни пациенти од тиквешкиот регион ќе биде вкупно 43 болнички кревети. Ова ќе биде трето проширување на ковид одделот, а се хоспитализираат пациенти со средно-тешка клиничка слика.

„Во моментот  имаме 18 хоспитализирани пациенти, од кои девет се од Неготино, девет од Кавадарци. Најмладиот е на возраст од 21 година, најстариот има 78 години. Имаме и добра вест. Вчера двајца пациенти се излекувани и пуштени дома. Шест поради тешка клиничка слика се препратени на скопските клиники, една пациентка пред три дена почина на пат кон скопската болница. Во ковид центарот работат интернисти и искусни медицински сестри,  кои работеа во инфективната клиника во Скопје. Сите се вклучени со голем елан во помошта на пациентите“ вели д-р Коцев  и информира дека е дуплиран капацитетот на биохемиската лабораторија и рендгенот.

Тој упати апел до сите граѓани да не се кријат, кога појавуваат симптоми, бидејќи не е срамно да се биде болен, а може да биде опасно ако не се бара навреме лекарска помош. Информираше дека лице на 25 годишна возраст со тешка клиничка слика било препратено на инфективна клиника. Вели, тоа покажува дека вирусот не бира возраст и не треба пациентите да се лекуваат на своја рака, а да побараат помош од лекар кога состојбата ќе им се искомплицира.

Во Кавадарци денеска има 10 нови позитивни на корона вирус, по еден случај е дијагностициран во Неготино и Демир Капија. Меѓу позитивните има и наставничка, а новите позитивни се на возраст од 34 до 62 години.

Ангел Данов


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.

Банер за Супер7