ММС
Банер за Супер7

Објавено на: 10/27/20 9:09 PM

И разочарувањето има добри страни

Се’ во животот има свои добри и лоши страни, па така и разочарувањето. Тоа е она чувство на тага што го имаме кога нашите очекувања не може да се исполнат. Ваквто чувство може да биде краткорочно или да остане во нас уште долго, зависно од тоа колку силно нешто сме сакале или очекувале. Сепак, за разлика од мислењето на многумина, разочарувањето носи и неколку придобивки:

Разочарувањето значи дека сте страствени

Во животот се’ има свои последици. Зошто не гледате на разочарувањето како на некоја последица што била предизвикана од вашата љубов  кон нешто или некој. На пример: разочарани сте од пријателот, бидејќи се грижите за него. Можеби сте се разочарале по состанокот со личноста која ви се допаѓа, бидејќи сте сакале врска со неа. Понекогаш може да сте разочарани и од деловните неуспеси, бидејќи се грижите за вашиот успех на работа.

Баш како што рекол Мартин Лутер Кинг: „Не може да постои длабоко разочарување ако нема длабока љубов. Длабоката љубов е она што не носи кон постигнување на нашите цели“.

Разочарувањето исто така е подобра емоционална состојба од апатијата. Кога некој е апатичен, не му е гајле за ништо. Тој е како робот. Но кога ќе биде свесен за своите емоции и ќе ги почувствува, независно дали тие се добри или лоши, тоа е добро. Тоа е добро бидејќи таа личност е во контакт со своето „јас“.

Разочарувањето ви дава прилика да пораснете

Секогаш кога сме разочарани, тоа значи дека постои некаква „грешка“ во нашата визија за реалноста. Кога сме разочарани прво треба да размислиме околу причината за тоа. Веројатно таа лежи во фактот дека сме очекувале нешто што не се остварило. Можеби не сме победиле на натпревар за кој напорно сме тренирале, или сме вложиле во пријателска врска, во која пријателот не ни возвратил. Значи, разочарувањето произлегува од неусогласеноста на реалноста со нашите очекувања. Реалноста цело време била иста, ниту пак светот е свртен против нас. Причината поради која сме разочарани е тоа што сме ја откриле вистината, а вистината не е она што сме мислеле дека е.

Гледајте на разочарувањето како на алатка за решавање проблеми. Искористете го разочарувањето во своја полза за да го видите светот подобро и да ги поправите своите претпоставки, со што ќе може да станете помудри и попаметни. Исто така, можете да ги коригирате своите дела за да може полесно да дојдете  до остварување на целите.

Разочарувањето ве прави посилни

Иако звучи како клише, разочарувањето навистина може да не’ зајакне. Кога доживуваме негативни емоции, стануваме поцврсти бидејќи учиме како да се носиме со своите чувства. Стануваме поотпорни на несреќите во животот.

 

Извор: sensa.hr

 


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.

Банер за Супер7