ММС
Банер за Супер7

Објавено на: 10/26/20 7:51 PM

Алијев: Ерменија го прекрши примирјето за неколку минути

Азербејџанскиот претседател, Илхам Алијев, денес изјави дека Азербејџан се согласил на нов хуманитарен прекин на огнот за размена на затворениците и телата на загинатите, но дека Ерменија го прекршила прекинот на огнот само неколку минути откако тој стапил на сила, јавува Агенција Анадолија (АА).

Алијев нагласи дека оние што сакаат хуманитарен прекин на огнот меѓу Ерменија и Азербејџан испраќаат оружје во Ерменија.

„Ја имам листата. Зошто некој кој би сакал прекин на огнот би испраќал оружје?“, запраша тој.

Осврнувајќи се на оние што ја поддржуваат Ерменија, Алијев изјави: „Доколку сакате да ја спасите ерменската држава, кажете им да ги напуштат нашите територии. Тие ќе излезат со вашиот збор.“

Азербејџан денес соопшти дека ерменските сили продолжиле со своите напади врз азербејџанските населби и воени единици и покрај новиот хуманитарен прекин на огнот во Нагорно Карабах.

„Селата на регионот Агдам, како и градот Тартар и неговите околни села, се цел на тешки гранатирања“, се соопштува од Министерството за одбрана на Азербејџан.

Министерството додаде дека ерменските сили исто така отвориле оган врз азербејџанските региони Товуз, Гадабај и Дашкесан од ерменските региони Берд, Чамбарак и Варденис.

„Позициите на азербејџанските единици во Тартар, Агдам, Фузули, Лачин и Губадли исто така беа нападнати“, се вели во соопштението.

Договорот за прекин на огнот посредуван од САД беше објавен вчера, а стапи на сила утринава.

Првиот прекин на огнот што беше постигнат на 10 октомври, беше прекршен од страна на ерменската Армија во рок од 24 часа, со извршување ракетни напади врз азербејџанскиот град Ганџа, при што неколку цивили ги загубија своите животи.

Вториот прекин на огнот на 17 октомври исто така беше повторно прекршен од страна на Ерменија.

Откако избувнаа неодамнешните судири на 27 септември, Ерменија постојано извршува напади врз азербејџанските цивили и сили.

– Конфликтот во Нагорно Карабах –

Односите меѓу двете поранешни советски републики се тензични од 1991 година, кога ерменската Војска го окупира Нагорно Карабах, меѓународно призната територија на Азербејџан.

Четири резолуции на Советот за безбедност на ОН и две резолуции на Генералното собрание на ОН, како и многу меѓународни организации, бараат повлекување на окупациските сили.

Околу 20 отсто од територијата на Азербејџан, меѓу која и Нагорно Карабах и седум соседни региони, се под нелегална ерменска окупација скоро три децении.

Групата Минск на ОБСЕ, со која копретседаваат Франција, Русија и САД, беше формирана во 1992 година, со цел изнаоѓање решение за конфликтот, но досега без резултат. Издејствувано е примирје во 1994 година.


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.

Банер за Супер7
1x1