ММС

Бракот им е совршенство, убавини и чесност – Љубовна приказна за почит на Ристо (93) и Христина (84) Георгиеви во исчекување на платинеста свадба

Кога двајца млади и вљубени ќе решат да стапат во брак сите им велат- со среќа, па да си дочекате златна свадба! Никој од нас, иако длабоко го посакуваме, не споменува платинеста свадба, се смета како реткост, а со оглед на стресниот начин на живот и невозможна. Бидејки еден од сопружниците, за жал, не дочекува длабока старост за да се прослават овие семејни вредности.

Ваква реткост живеат двајцата сопружници од Скопје Ристо (93) и Христина (84) Георгиевски, кои се 67 години во брак. Чичко Ристо вчера го прослави 93тиот роденден и со сопругата Христина си посакаа здравје, па за три години да прослават платинеста свадба. Поради препораките роденденот бил скромен, во кругот на семејството и со торта. Нивниот син Петар за ммс ја раскажа оваа љубовна приказна за почит, кои многумина ја посакуваат, но ја немаат среќата да ја доживеат.

-Татко ми од возбуда за роденденот не спиел цела ноќ. Имаше роденденска торта,  дуваше свеќи и му купивме парфем „Дејвид Бекам“. Кога го виде ни рече: „Требаше да ми го купите додека бев директор“.  Убав момент за славење, но за жал поради препораките го прослави само со мене, мојата сопруга Даница, сестра ми и син ми со снаата Марија. За да не бидеме многу, ќерка ми денес специјално ќе оди да честита. Навикнати се на славење убави датуми, па златната свадба, односно 50 години во брак, славевме со голема журка во Охрид, вели Петар и додава:

– Мајка ми и татко ми се запознале во 1952 година, а се земале во 1953 година во Битола, каде и се запознале. И двајцата се по потекло од Егејска Македонија. Од Битола се преселиле во Скопје, па бидејки немале каде да живеат најпрво живееле кај кумот Перо Караманов, кој во тоа време бил на Голи Оток, бидејќи рекол: „ Да живее бркото“, мислејки на Сталин, 17 месеци поминал таму. Татко ми беше учител во ОУ „Јане Сандански“, кое се наоѓа на дуќанџик кај Бит Пазар. Тоа е најголемо мешовите школо, со над 1000 ученици, од кои голем дел беа Роми, Турци, Албанци и Македонци. А мајка ми работеше како благајник во социјално.  Татко ми подоцна стана директор на тоа  школо и до пензија остана директор. Во овој брак сме родени сестра ми Мирјана, која е родена во 1954 година,  потоа јас во 1961 година, ни раскажува петар.

Во денешно време кога поголем број од браковите се распаѓаат вистинска реткост е да се опстои толку години заедно. Тајната на нивниот успешен брак ни ја откри Петар.

-Бракот им е совршенство, јас само убавини сум пред мене. Не паметам да си кажале лош збор. И јас и сестра ми сме растеле во многу убава средина, каде што чесноста имала вредност. И нивниот брак, како и на секој, поминал низ многу искушенија и проблеми, но успехот е токму во такви ситуации да се опстои. Еве ќе го споменам земјотресот во Скопје во 1963 година. Сме живееле кај Влада, во заедничка куќа. Ние сме биле на третиот кат. Се срушиле дел од скалите и во тој страв, бегајќи мене ме заборавиле дома, а јас сум имал едвај две години. Татко ми се вратил по мене. Црн влегол, а бел излегол. Од стрес во моментот му побелела косата. Имаат и тие многу стресови за време на животот, но ете  да бидат живи и здрави, да си дочекаат да прослават платинеста свадба,  70 години заедно и се разбира многу правнуци.  Гледајќи ги нив формула за успешен брак е „ трпение- спасение“. Убав збор и почитување на различните мислења меѓу маж и жена. Навистина тие имаа хармонија и тоа нам ни го пренесоа. Па и децата си ги крстив по нив, со слични имиња, Христијан и Христина. Син ми е магистер по економски науки, заврши на државниот универзитет во Љубљана.Ќерка ми е графички и ликовен дизјанер со магистратура која наскоро ја очекуваме на Њујорк колеџ. И двајцата работат во нашата семејна фирма, вели тој.

 

Георгиевски поминуваат убави и мирни години од животот и бракот, но и нив, како и многу од тоа време животот не ги галел. Како деца бегалци  воопшто не им било лесно.

-Татко ми беше голем човек, 190 сантиметри висок и  110 килограми. Носеше чевли 48 број. Му опериравме перде пред некој месец и на лекарката и вика- ако ми го направиш убаво ова око, ќе дојдам и другото да го направиш. Им беше најстар пациен на кој му направиле операцијна на око. Кога лекарката му рече „Чичко Ристо, уште колку имаш намера да живееш“, тој низ насмевка и одговори- „Тоа е Божја работа чупо, таму нема што да се мешаме“. Имаме викендица во Маврово и секое лето се таму. И покрај годините сами се грижат за себе, секако и ние им помагаме.  На мајка ми родителите Васил и Пандора со двајцата браќа и две сестри заминале во Америка и таму доживуваат длабока старост. Двајцата браќа и едната сестра на мајка ми се сеуште живи. Ги викале  мајка ми и татко ми таму, но не сакале да одат. Татко ми рекол- после Егејска Македонија нема никаде да бегам.  Татко ми е останат без татко на шест месеци. Дедо ми не починал, туку мигрирал во Австралија, за да не биде ликвидиран, како татко му кој бил поп, се викал Ѓорги и бил убиен од Грците, бидејки кога правеле чистење во тоа време поповите и учителите ги убивале први. Со татко ми биле тројца браќа и по заминување на дедо ми, брат му Петре, чие име јас го носам е народен херој, ја има израснато цела фамилија, бидејќи бил најстар. Целиот товар паднал врз него и на баба ми Лена. Дедо ми се викаше Спасо Поп Георгиевски и откако заминал за Австралија 50 и кусур години не контактирал со никого од семејството. Чекаше баба ми Лена да почине па да се појави. Баба ми Лена почина во 1972 година и е централната личност во мојот живот, не има израснато од бебиња и мене и сестра ми.  Ова е уште една потресна приказна, како деца низ што поминале, а  скоро сите се долговечни, живееле над 90 години, вели Петар.

 


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за преземање.