ММС

Ќе има ли „братска“ блокада на македонскиот ЕУ-пат?: Во „Стадион“ гостуваа Чепреганов, Стојков, Богојески, Вангелов и Крастев

Вжештените бугарско-македонски односи по Меморандумот, изјавите на Захариева, Каракачанов, Радев, најавите за бугарска „братска“ болкада на македонскиот евроинтегративен пат, беше темата во денешниот „Стадион“ на „Канал 77“.

Во рамките на емисијата беше емитувана и новинарската ретроспектива на слувањата во последните десетина дена, подготвена од Весна Крстева, во која видувања на оваа тема даде и македонскиот историчар Тодор Чепреганов. Гостин во студиото беше Петар Богојески од Македонски концепт. Водителот Столе Наумов реализираше онлајн-разговори со Огнен Вангелов, новиот член на Македонско-бугарската комисија за историја, Николај Крастев, новинар од Софија, повеќегодишен дописник на Бугарското радио од Белград и од Москва, како и со Стојко Стојков од ОМО Илинден-Пирин, професор по историја на штипскиот универзитет.

За професорот Чепреганов, воопшто не требало да бидеме изненадени од потезите на нашиот источен сосед.

– И претходно потпишаниот договор со Софија не беше договор на пријателство, туку на уцена. Бугарската страна го кориси моментот и она што не успеала да го постигне 150 години – да ги асимилира и денационализира Македонците, тоа да да го направи сега. Ова им е последната шанса. За жал, македонската полтичка елита како да работи во нејзин прилог. Треба еднаш да им се каже – чекајте, не може вака, како некој во 1944 година да не’ создал со волшебно стапче – рече Тодор Чепреганов.

Тој се осврна и на случувањата поврзани со Гоце Делчев.

– Ако Бугарите толку го сакаа Гоце, зошто цели 20 години ги чуваа во Софија неговите мошти во едно ќоше, без да му направат споменик. Поточно, моштите ги чуваа нашите Македонци од Илинденската организација. Јасно е, знаат Бугарите дека Гоце не е нивни, не се борел за бугарските, туку за македонските интереси, за формирање македонска држава – истакна Чепреганов.

Богојески смета дека во преговорите треба да се вклучи нова генерација модерни историчари од двете земји, неоптоварена со минатото и со мафијашки притисоци во сегашноста, која проблемот ќе можела да го реши за еден ден.

– Македонско-бугарските односи буквално се во заложништво. Има и игра на суети и многу апсурдни примери. Ете, вчера бугарсиот историчар Топалов плачеше на една бугарска телевизија оти во македонските учебнци Бугарите се нарекувале Татари. А и Топалов и другите негови колеги со децении пишуваа дека Бугарите се наследници на Татарите – рече Петар Богојески.

Огнен Вангелов, кој е нов член на Комисијата, а  првпат присуствуваше во нејзината работа претходната седмица, информираше дека, откако се повлекол еден член од лични причини, Драги Ѓорѓиев, претседателот на македонскиот дел од комисијата, го повикал, а тој прифатил.

– Бев само на последниот состанок на Комисијата. Дискутираме отворено, често и вжештено. Нашите позиции се кристално јасни – нагласи Вангелов.

Николај Крастев рече дека се надева и верува оти блокада од Бугарија на македонскиот ЕУ-пат нема да има, а имало и уште 40 дена двете страни да постигнат некаков договор.

– Големи непријатели на зближувањето на Бугарија и Македонија се Србија и Русија. Не им се допаѓаат добрите односи што ги имаме од 2017 година по потпишувањето на договорот за пријателство – смета Крастев.

Стојко Стојков истакна дека Бугарија гледа единствена шанса сега да се уцени Македонија и, по примерот на Грција, сака што повеќе да добие.

– Крајно време е да се разбуди македонската политичка елита. Ова што се случува не смееше да ги изненади. Дали ќе успеат Бугарите зависи од притисокот на Европа и од македонската Влада. Европа веќе покажа дека има начини да ја „казни“ Бугарија, па неодамна, веројатно не случајно, пак го постави прашањето за македонското национално малциство во Бугарија, најголемиот страв за Софија – рече Стојков.


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за преземање.