ММС

Ердоган: Го тестиравме системот С-400, за тоа не ни’ е потребна дозвола од САД

Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган денеска потврди дека Анкара го тестирала системот за противвоздушна одбрана С-400 што го купила од Русија, наведувајќи дека за тоа не им е потребна дозвола од САД.

„Тестирањата се спроведени и се спроведуваат. Ставот на САД воопшто не не’ загрижува. Ако не ги тестираме можностите што ги имаме, тогаш што ќе правиме?“, изјавил пред новинарите Ердоган.

Вашингтон ја обвини Турција дека со купувањето на рускиот систем С-400 ја компромитирала одбраната на НАТО и ѝ се закани со санкции.

Двете сојузнички во НАТО долго време се во конфликт околу рускиот систем С-400, а Вашингтон минатата година ја суспендираше Турција од својата програма за борбени авиони Ф-35.

Турски официјални лица изјавија дека тие системи нема да бидат интегрирани во одбранбената инфраструктура на НАТО. Турција и Русија потпишаа договор за купување на системот С-400 во 2017. Испораката на првите батерии на рускиот систем, вреден 2,5 милијарди долари, започна во јули лани.

„Се чини дека господата (во САД) особено им пречи што ова оружје е од Русија. Ние сме решени, продолжуваме по нашиот пат како и секогаш“, рекол Ердоган, пренесуваат агенциите.

Додал и оти Турција нема да се откаже и од евентуално купување на американскиот систем „патриот“.


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за преземање.