ММС

Анкета: Младите признаваат дека голем дел од нив не ги почитуваат мерките за заштита од коронавирусот

Младите признаваат дека голем дел од нив не ги почитуваат мерките за заштита од коронавирусот, покажува онлајн анкетата што ја спроведе средното општинско училиште „Коле Нехтенин” од Штип меѓу своите ученици.

Анкетата е спроведена од страна на професорката Лилјана Манева и учениците од четврта година на часовите по „Граѓанско образование” на примерок од 110 ученици од училиштето.

– Од вкупно 110 ученици, 90 ученици се изјасниле дека носат заштитна маска само на местата каде носењето на заштитна маска е задолжително. Само пет ученици се изјасниле дека не носат заштитна маска, а останатите носат само повремено. 70 ученици од вкупно 110 одговориле дека држат дистанца од 1,5 метар на места каде мораат да го прават тоа, а 15 ученици секогаш одржуваат дистанца. Останатите ученици се изјасниле дека држат дистанца само понекогаш, изјави директорот на училиштето Дејан Павлов.

Посочува дека на прашањето дали младите се групираат во групи со повеќе од четири лица, 42 проценти од учениците се изјасниле дека се групираат во поголеми групи во паркови, 15 прценти се групираат во поголеми групи на роденденски забави, а 14 проценти на спортски игралишта.

– Деветдесет проценти од вкупниот број анкетирани ученици утврдиле дека почитувањето на мерките за заштита од Ковид-19 се наоѓа под три на скалата од еден  до пет. Резултатите од анкетата се сериозен аларм за младите да ја согледаат важноста од почитување на препораките за заштита од Ковид 19, за личното здравје и за здравјето на останатите. Јавното здравје е заедничка одговорност, порачува директорот Павлов.


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за преземање.