ММС
Банер за Супер7

Објавено на: 07/5/18 1:50 PM

За едните гордост, за другите срам: Договорот со Грција тема на партиски препукувања

За едните гордост, за другите срам. Договорот со Грција и денеска тема на партиски препукувања, откако Законот за негова ратификација беше донесен во Собранието во трето читање, без пратениците од опозицијата.

Законот беше изгласан со 69 гласа „за“, иако претседателот на државата, Ѓорѓе Иванов одби да го потпише указот. Пратеникот од СДСМ, Костадин Костадинов изјави дека Договорот е патриотски и го повика  Иванов да го стави својот потпис.

„Никој не е над уставот и законите. Никој нема право да ја запира македонската иднина. Во спротивно Иванов ќе направи кривично дело, постапува надвор од неговите надлежности и директно се меша во законодавната власт, односно во работата на Собранието како законодавна власт. Нема да дозволиме деструктивните сили да ја вратат Македонија назад во мрачното минато на криминал, уназадување, изолација, неизвесност“, рече Костадинов.

Ваква порака до претседателот испрати и премиерот, Зоран Заев:

„Верувам во нашиот народ и во успешноста на процесот со кој ќе се гордеат многу генерации“.

Преку писмено соопштение, во врска со Договорот се огласи и Демократскиот сојуз на Павле Трајанов. Оттаму порачуваат дека Иванов треба да го потпише документот бидејќи тоа е негова уставна должност, или во спротивно,  да си поднесе оставка.

По повторното изгласување на Законот за ратификација на Договорот помеѓу Македонија и Грција, претседателот Ѓорге Иванов, има уставна должност да го потпише и на тој начин да ги деблокира процесите за полноправно членство во НАТО и започнување на пристапните преговори за влез во Европската Унија – се вели во денешната реакција на Демократскиот сојуз.

Сепак, од ВМРО-ДПМНЕ и понатаму се на ставот дека Договорот е противуставен. Генералниот секретар на партијата, Игор Јанушев ја обвини власта дека ги прекршува правните прописи.

„ВМРО-ДПМНЕ и нашата пратеничка група одлучија да не присуствуваат на денешната седница каде се носи незаконски и неуставен договор кој преставува деградирање на македонските граѓани и е во спротивност со највисоките државни и национални интереси. ВМРО-ДПМНЕ нема да биде соучесник и се противи на акт со кој се предвидува промена на Уставот со цел промена на уставното име. Акт со кој се определува бришење на зборот Македонија, се задира во суштината на идентитетот и се врши трајно осакатување на државотворните белези на државата и идентитетот на македонскиот народ. Ова не е нешто за што може да се слави. Капитулациите секаде во светот е срамен чин“, истакна Јанушев.

Тој и неговите сопартијци очекуваат  Иванов да не го потпише указот, бидејќи како што велат, должност на Претседателот на државата е заштита на државните интереси и заштита на Уставот на Република Македонија.


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.

Банер за Супер7
1x1