ММС

ВИДЕО: Фудбалерите на Шахтјор изиграа за првиот гол како од учебниците

Украинскиот шампион Шахтјор, на отворањето на групната фаза од Лигата на Шампионите го совлада Реал Мадрид на гостински терен со 2:3 и без никакво претерување му одржа лекција на поранешниот шампион на Европа.

Екипата на Зидан по малку ноншалантно и потценувачки влезе во натпреварот, со очекување дека „самиот од себе ќе се добие“ и дека Шахтјор ќе го положи оружјето уште пред почетниот свиреж на главниот арбитар.

Тоа не беше воопшто случај, Украинците беа дојдени да се надигруваат и да освојат бодови од тешкото гостување. Во таа насока, голот на Тете за 0:1 беше производ на феноменална пас игра од задната линија, трпеливост и конкретна замисла за голот на противникот:

Голот на израелскиот репрезентативец, Манор Соломон во последните минути од првиот дел и автоголот на Рафаел Варан четири минути претходно, го зголеми водството на Украинците кои на полувреме отидоа со 0:3. Мадриѓаните фуриозно го стартуваа второто полувреме, Модриќ со прекрасен удар од далечина го намали резултатот, а резервистот Винициус Џуниор инстантно по влегувањето во игра одзеде една топка и реализираше за 2:3.

Во другите двобои од првото коло во вчерашниот ден во Лигата на Шампионите, Салзбург и Локомотив Москва одиграа нерешено 2:2, Ливерпул благодарение на автоголот на Николас Таљафико го совлада Ајакс во Амстердам со 0:1, додека пак Баерн Минхен и Аталанта со по четири голови во противничката мрежа ги поразија Атлетико Мадрид и Митиланд.

Финалистот на Европа Лига, Интер, на „Џузепе Меаца“ во последните моменти од дуелот спасуваше бод за 2:2 против Борусија Менхенгладбах. Манчестер Сити со головите на Агуеро, Гундоган и Феран Торес беше подобар од Порто со 3:1, a грчкиот шампион Олимпијакос успеа во 91 минута преку Кока да извлече три бодови од мечот против Олимпик Марсеј.

 


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за преземање.