ММС
Банер за Супер7

Објавено на: 07/5/18 9:47 AM

Повторно жртви на нервниот отров Новичок во Британија

Случајот прво беше нејасен, но сега се знае: мажот и жената кои се во животна опасност во јужна Англија се отруени со борбениот отров Новичок, исто како во случајот Скрипал. Трагична случајност или злосторство?

Скотланд Јард вчеравечер во Лондон соопшти дека двојката од британското место Ејмсбери била изложена на нервениот отров новичок. Властите првично зборуваа за непозната супстанца. Мажот и жената се сместени во истата болница во Солсбери, каде што беа сместени и поранешниот руски двоен агент Сергеј Скрипал (67) и неговата ќерка Јулија (33). Двајцата во меѓувреме живеат на непозната локација.

Дипломатска криза

Раководителот на британската агенција за борба против тероризам изјави дека нема информации оти двете нови жртви биле целно земени во визир. Новичок беше развиен во 1970-те и 1980-те во Советскиот сојуз. За нападот врз Скрипал Велика Британија ја обвини руската влада. Официјална Москва тоа го отфрли, по што настана криза меѓу западните држави и Русија, во која беа протерани голем број дипломати од двете страни.

Полицијата во актуелниот случај веќе зборува за „поголем случај“ и не исклучува можно злосторство. Жртви се 45-годишен маж и 44-годишна жена од регионот, соопшти шефот на полицијата Пол Милс. Прво во саботата колабирала жената, а подоцна брзата помош морала да интервенира и за мажот. Британските медиуми шпекулираат околу можностите двојката да дошла во контакт со отровот ненамерно.

Поради случајот Скрипал во март беа затворени делови од центарот на Солсбери. Поранешниот шпион и неговата ќерка беа пронајдени без свест на клупа во парк. По новиот случај, затворени се делови од Солсбери и Ејмсбери, местото каде што живеат жртвите. Здравствените власти зборуваат за мерки на превенција и сметаат дека не се работи за „значајна опасност по здравјето“ за јавноста. Мажот и жената пред да бидат пренесени во болница биле присутни на семеен собир во црква.

Ејмсбери се наоѓа во близина на Стоунхенџ, кој е дел од Светскот културно наследство на Унеско. Жителите на местото, според агенциски извештаи, се несигурни и од властите бараат повеќе информации.

Извор: DW


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.

Банер за Супер7
1x1