ММС

Родителите кои уплатиле за екскурзии а не добиле ваучер или пари од агенциите – да се обратат до ДПИ, повика директорот Пауновски

Угостителските објекти ќе работат до 23 часот. Сепак додека собранието не ги донесе новите законски решенија со кои веднаш ќе може да се затвараат угостителските објекти кои ги прекршуваат протоколите, Државниот пазарен инспекторат ќе мора да продолжи по досегашната практика со поднесување на кривични пријави или одредување парични казни на лице место, соопшти денеска директорот на ДПИ, Стојко Пауновски.

Директорката на Инспекцискиот совет, Магдалена Филиповска-Грашкоска беше категорична дека инспекторатите имаат капацитет да се справат со ситуацијата.

Инспекциските служби за шест дена, од 12 до 18 октомври, извршиле 2.183 контроли во врска со законите по кои постапуваат но и по протоколите од Владата. Најмногу контроли извршиле инспекторите на ДПИ – 1180 и при надзорите биле изречени 24 прекршочни пријави за нерегистрирана дејност или пречекорување на работно време, а и седум кривични пријави за непочитување на протоколите, од кои две се однесуваат за организирање свадби.

На новинарско прашање што со оние родители на деца кои уплатиле за екскурзии кои не се реализирале, директорот на ДПИ вели дека сите претставки што биле поднесени против туристичките агенции досега се решени.

– Сите оние кои поднеле претставка против туристичките агенции, односно 15тина се поднесени во првиот бран на ковидот и ДПИ им има излезено во пресрет на сите. Или добиле ваучери или им се вратени парите, било тоа да се детски екскурзии или поединечни лица. Доколку има такви кои не добиле ваучер или не им биле вратени парите слободно во најблиското одделение да поднесат претставка и ќе се потрудиме да им излеземе во пресрет, потенцираше Пауновски.


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за преземање.