ММС

Рекордни бројки на новозаболени во Хрватска и Словенија

Рекордни нови 1.424 случаи на новозаболени со ковид-19 се пријавени во изминатите 24 часа во Хрватска. Починаа единаесет лица, соопшти Националното седиште. Бројот на активни случаи во Хрватска денес е вкупно 6459. Меѓу нив, 622 пациенти се во болница, од кои 38 се на апарати за дишење.

Од 25 февруари 2020 година, кога беше регистриран првиот случај на инфекција во Хрватска, регистрирани се вкупно 28.287 лица заразени со новиот коронавирус, од кои 393 починаа.

До денес се тестирани вкупно 411.947 лица, од кои 5.428 во последните 24 часа.

Рекордни бројки и во Словенија, каде од синоќа во 21 часот, за прв пат во историјата на земјата, стапи во сила полицискиот час. Регистрирани се 1323 новозаболени. Од полноќ, дружењето е ограничено на најмногу шест лица, а има и забрана за движење меѓу регионите.

„Исто како што имаше ограничување за општините во пролетната епидемија, сега има и ограничување за регионите“, објасни министерот за внатрешни работи Алеш Хоис на прес-конференцијата и презентацијата на мерките.

Воведувањето полициски час во главниот град помина доста мирно. Кратко по 21 часот, улиците станаа празни, а на улиците се движеа претежно само полицајци.

Но, ситуацијата беше поинаква во Марибор, каде на Главниот плоштад се собраа околу стотина демонстранти. Демонстрантите, меѓу другото, извикуваа дека полицискиот час не е уставен.

Словенечките медиуми јавуваат дека неколкумина демонстранти пристигнаа без заштитна маска, за што наводно добиле парична казна од здравствен инспектор. Еден од учесниците, наводно, бил казнет со 1.200 евра. Демонстрантите се разотидоа по некое време, а новиот протест во Марибор е закажан за вечерва во 21 часот.


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за преземање.