ММС

Мрши од животни скапуваат во манастирот во Матејче – Наследство кое 19 години е оставено да пропаѓа

Манастирот во Матејче познат како Жеглиговски манастир, посветен на Богородица, е оставен на забот на времето, со оштетена на кровната конструкција, фасадата, демолирани врати и фрески. Некогаш ова беше гордост на верниците, а сега е како во хорор филм. Верниците велат- да ти е страв да гопосетиш, а и срцето ќе ти пукне од жал.   Овој историски објект лоциран во селото Матејче во Општина Липково е изграден во 11 век, но наместо да биде згрижен од МПЦ или под заштита на државата како исклучително културно наследство, тој се распаѓа. Во внатрешноста на објектот има воден талог, инсекти, остатоци од угинати животни, односно скапуваат мрши од животни, искршени стакла, ентериерот и фреските се препуштени на атмосферските влијанија и наскоро може да бидат целосно уништени.

Иницијатива за граѓанска помош

Група граѓани редовно го посетуваат манастирот, а меѓу нив и Јасмина Зисовска, една од најгласните активисти, инаку советник за меѓународна соработка од НУ „Музеј Куманово“. Таа е еден од најгласните борци за возобновување на овој комплекс, а како што вели имало иницијатива од граѓани да се донираат пари за да се помогне на било кој начин.

– Важно е да врати водата и струјата. Слушам од групата со која одиме дека поведуваат иницијатива да се отвори жиро-сметка на која граѓаните кои пројавија желба би донирале за таква работа, ние не би се мешале во заштитата на манастирот, туку во обезбедување на овие енергенси. Имател на објектот е Македонската православна црква којашто за жал, сè уште не се произнесе. Би било добро да имаме благослов од нив како би можеле со граѓанска иницијатива и покрај институциите тоа да се поведе,  изјави Зисовска пред еден месец, на празникот Богородица.

Богата културна историја

Не е познато кога е изградена првичната црква, но врз основа на најстарите грчки натписи од времето на Исак Комнин, нејзиното формирање може да се лоцира во првата половина на 11 век, иако најстарото споменување на манастирот се наоѓа во хризостомот на кралот Милутин од 1300 година.

Во средината на 14 век, внукот на Милутин, Стефан Душан, започнал со обнова на манастирот, кој го завршил околу 1357 година неговиот син Урош и неговата сопруга Елена. Во следниот век, манастирот станал важен културен центар кој се одликувал со својата книжевна активност.

По пристигнувањето на Османлиите, тој започнал да пропаѓа, а за неговото рушење придонело и отстранувањето на оловниот покрив во 18 век за покривање на Ески џамијата во Куманово.

По Кумановската битка во 1912 година и првата балканска војна, станува дел од Кралството Србија, односно Кралството на Србите, Хрватите и Словенците по Првата светска војна.

Помеѓу двете светски војни, манастирот бил реконструиран, при што оригиналната црква била отстранета од нејзината внатрешност. По Втората светска војна, конзерваторските и реставраторските работи биле извршени на манастирската црква повторно во 1953 и 1960 година.

Манастирот имал богат културен живот, со присуство на монаси кои од 14 до 19 век тука вршеле книжевна дејност. Но, богатото книжевно наследство денеска не е во Македонија, се наоѓа во библиотеки на разни европски земји, од Бугарија до Русија.

Конфликтот од 2001 година создаде најголеми оштетувања

Медиумите често во изминатиот период пишуваа дека воениот конфликт во 2001 година уништува голем дел од овој богат манастирски комплекс. Во манастирскиот комплекс оттогаш нема струја, разурнати се конаците и воедно тоа се најлошите периоди од неговото формирање затоа што е оставен на милост и немилост на забот на времето без некој да се заинтересира за него.

Своевремено додека траел конфликтот овој манастир бил користен како штаб на борците на УЧК и тука се чувало нивното оружје. Во тој период се направени и најголеми оштетувања на конаците, камбанаријата, старата камена ограда чии камења терористите на УЧК ги ваделе и со нив ѕидале бункери. Граната го оштетила кровот на манастирот, додека терористите вежбале стрелечки способности на украсните прозорци.

Манастирот ќе биде прогласен за културно наследство во опасност

Министерката за култура Ирена Стефоска изјави дека е во интензивна комуникација со надлежните институции за манастирот во Матејче наскоро да биде прогласен за културно наследство во опасност.

За таа цел, како што посочи, се прават чекори согласно Законот за културно наследство односно се пдготвува елаборат и финансиска конструкција.

– Во интенизвна комуникација сум со институциите кои се надлежни да го направат тоа прогласување на културно добро во опасност. Притоа согласно Законот за културно наследство има чекори, се подготвува елаборат, се подготвува финансиска конструкција. Интензивно работиме, односно институциите работат и во постојана комуникација се со мене и со Министерството, рече Стефоска, неодамна.

Народната легенда за манастирот

Царицата Елена, во летните месеци честопати доаѓала на одмор во Скопска Црна Гора и Карадак. Меѓутоа, природните убавини на Матејачката планина најмногу ја привлекувале и овој крај особено го засакала.

Во тоа време, сите цареви и великодостојници си граделе свои задужбини, па царицата Елена, го избрала токму овој крај за да си изгради царска црква со манастир „Света Богодорица“.

По смртта на цар Душан и распаѓањето на неговото царство, кнез Лазар решил да се круниса за цар токму во оваа црква, надалеку прочуена по својата убавина. Исто така, цар Лазар во оваа црква ја причестил и својата војска пред да појде во бојот на Косово.

Кога во Куманово пристигнал турскиот султан Мурат со војската и од Султан Џаде ја здогледал убавата црква, веднаш испратил извидница од табор војска за да го известат какво „чудо“ се белее во гората, па откако дознал за причествувањето на противничката војска, веднаш наредил да се израмни со земја.

Но, турските војници не успеале да ја разурнат „Св. Богородица“ покрај која биле живописани и мноштво светци, спасители на христијанството.

На Турците што биле испратени да ја расрушат црквата им се вкочаниле рацете и нозете и не можеле да ја извршат наредбата.

 

Известен за настанот, од стравопочит кај црквата пристигнал и самиот султан Мурат со везирите, се поклонил на светото место и наредил да се повикаат најдобрите мајстори за да ја поправат и на Матејачкиот манастир му ги подарил селата, покрај другите што ги имал, Ваксинце, Вак’в, Доброшане, Проевце и Горна кумановска чаршија (сегашно Бедиње).

За да не се причествуваат новите војски против султанската војска во оваа така моќна црква, султан Мурат наредил да се заѕида и северната врата.

Автор: Никола Ивановски

Фото: Вангек Тануровски


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за преземање.