ММС
Банер за Супер7

Објавено на: 07/4/18 1:25 PM

Сивата економија најголем проблем за фирмите: ССК бара нејзино сузбивање од институциите

Бизнисмените бараат сузбивање на сивата економија. Тврдат дека тоа е најголемиот проблем со кој се соочуваат фирмите, а анализите кои ги направиле покажуваат дека годинава има масовна пререгистрација на фирмите и нивно прибегнување да работат нерегистрирано.

Претседателката на Сојузот на стопански комори, Данела Арсовска денеска информираше дека сивата економија е најзастапена во транспортот, градежништвото, туризмот, угостителството, услужните дејности и земјоделството.

„Се работи за тренд кој рапидно почна да се зголемува во 2018 година. Она кое го гледаме е дека компании кои биле активни на пазарот, сега одеднаш ги намалуваат деловните активности и ги сведува на 20 или 30 проценти. Тоа не значи дека не работат, туку се префрлаат во делот на сивата економија. Луѓето менуваат локации, работат иста работа што ја работеле, но работат нерегистрирано бидејќи гледаат дека оние кои воопшто не се регистрираат, поминуваат полесно“.

Од Владата најавуваат дека ќе направат проверки и анализи за оваа појава и за тоа кои се причините за тоа.

„Потребни се поопсежни анализи. Дали се работи за тоа дека тие преминале во сивата економија или биле блокирани, ќе видиме. Ќе видиме и кои се причините за тоа“, истакна министерот задолжен за регулативата за подобрување на инвестициската клима за домашните претпријатија, Зоран Шапуриќ.

Според проценките на Оорганизацијата за еконoмска соработка и развој (ОЕЦД), учеството на сивата економија е 25 проценти во вкупната економија во Македонија, а според анализите на Сојузот на стопански комори оваа бројка е околу 30 проценти.


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.

Банер за Супер7
1x1