ММС

Агенцијата за европски образовни програми тема во денешниот „Стадион“: Гостуваа Лидија Димова, Бајрами, Тортевски и Андоновски

Тема во денешниот „Стадион“ на „Канал 77“ беа европските фондови и случувањата поврзани со Националната агенција за европски образовни програми и мобилност. Гостинка на водителот Столе Наумов во студиото му беше директорката на Агенцијата, Лидија Димова, а онлајн во емисијата се вклучија Нури Бајрами од Антикорупциската комисија, адвокатот Александар Тортевски и Стефан Андоновски, член на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ. На почетокот на емисијата беше емитувана една новинарска ретросектива на Весна Крстева за случувањата во Агенцијата во изминатите денови.

Агенцијата стана актуелна по објавувањето дека скопски фризерски салон добил големи пари за проект за медиумска писменост, а нејзиниот сопственик, освен како грантист, добивал пари и како надворешен соработник во Агенцијата. Потоа високи суми биле доделени и за проекти како – гостопримство на Кипар, тренирање магариња, избор на сирење. Сериозни обвинувања имаше и за набавката на скапи автомобили за Агенцијата, за мобинг…

– Во сето како да има и холивудски приказни. Проектот не го има добиено фризерница, туку фирма која во својата дејност има и фризерница, а нејзиниот соптвеник Златковски од 2011 година работи проекти што се високо оценувани од Брисел. Едно земјоделско училиште, пак, зошто да не може да работи проекти за копитари, магариња или коњи? Во Агенцијата нема мобинг. Од жабокречина направив институција, а во земјава донесов 70 отсто повеќе пари од претходно – истакна Лидија Димова.

Таа објаснуваше каква е процедурата за избор на проекти и доделување средства и нагласи оти се’ било чисто, не се чувствувала виновна и намала намера да поднесе оставка.

– Јас оставка не давам и не се чувствувам виновна. Зад мене го имам Брисел и целата фактографија, која може да докаже дека немало никавна злоупотреба на средства. Не гледам зошто би дала оставка. Претседателот на Владата може да бара некакво разрешување, а не Љупчо Николовски. Владата мене не ме именува. Јас сум избрана од Управниот одбор, а Владата може од него да бара да бидам разрешена. Ако сакаат, по сите истраги, ако се докаже вина, нека ме разрешат. Јас ќе прифатам – рече Димова.

Нури Бајрами од ДКСК истакна дека до Комисија имало испратено многу приговори поврзани со Агенцијата, дел од нив анонимни, а дел со потписи. Тие наводи тие ги испратиле до надлежните институции, во случајот како Министертсвото за образование и наука, МВР, инспекциски служби, финансиска полиција, многу постапки биле во тек, но тоа одело бавно.

Адвокатот Александар Тортевски рече дека однапред имал аверзија кон луѓе кои заради политички ангажман, заради фалење на некоја политичка опција, доаѓаат во позиција да располагаат со огромни средства, па тогаш се заборавале и влегувале во други филмови.

– Тогаш имаат потреба од скапи автомобили, на свои луѓе да им делат пари, кои во нормалниот живот тешко може да се заработат. Дури 270.000 евра на фамозната „фризерница“, пари за кои што, на пример, една текстилна работничка треба да работи дури сто години. Или 73.000 евра „за тренирање динарско магаре и липицанец“. Толку пари, а и насловот им е погрешен – коњот не е липицанец, туку липицанер, а, освен тоа, во Македонија немаме ни динарско магаре ни липицанери – истакна Тортевски.

Стефан Андоновски смета оти Агенцијата под раководство на Димова работела крајно неодговорно и расипнички, се трошеле големи суми за автомобили, 170 од 365 дена во годината биле патувања во странство…


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за преземање.