ММС

Историската бугарско-македонска комисија не „скрои“ нешто ново

По два дена разговори во Скопје, македонските и бугарските историчари не постигнаа „напредок“ во однос на Гоце Делчев, кој и понатаму останува пречка на сопнување. Имало нови предлози и идеи за кои засега не се откриваат детали, но се најавува нова средба во Софија до крајот на годинава.

Копретседателите на Мешовитата комисија за историски и образовни прашања меѓу двете држави, Драги Ѓоргиев и Ангел Димитров, вчера попладне изјавија дека процесот на разговори продолжува и понатаму.

– Има мали поместувања кон напред и за мене тоа е важно во моментов. Процесот на разговори продолжува и понатаму, со сите тешкотии и сите чувствителни теми кои се на маса. Молам за трпение и поголема емпатија и кон нас и кон колегите од Бугарија, за да можат прашањата да бидат дискутирани со што помалку емоции и тензии. Само на тој начин можат да се надминат работите, изјави Ѓоргиев.

Неговиот бугарски колега за средбата рече дека била како времето – „сиво и облачно, со малку дожд и одвреме-навреме кратко сонце”.

За идентитетот на Гоце Делчев, Ангелов рече дека Делчев самиот си го определил.

– Тој е таков, каков што е. Тој е таков какво што е неговото семејство, средината во која е формиран како личност. Тоа е идентитетот, вели Димитров.

На средбата не станало збор за појаснувачкиот меморандумот што Бугарија го достави до земјите-членки на ЕУ, ниту за македонскиот јазик и идентитет, а мал напредок е постигнат во делот на учебниците за средновековието. Во однос на Свети Кирил и Методиј е постигната согласност дека се сесловенски и христијански просветители.

Според Ѓоргиев, контрапродуктивно е ставањето на Комисијата на врвот на Договорот за добрососедство и пријателство бидејќи во него има уште многу други членови што треба да се исполнат, а неговиот бугарски колега Димитров смета дека никој не може да им дава рокови, дури ни политичарите, бидејќи водат научна дискусија со цел да бидат конкретни кон историските факти и документација.

МИА

 

 

 

 


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за преземање.